Вицепремиерот и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов за БНТ по којзнае кој пат изјави дека Бугарија е земја која секогаш и помагала на Македонија и се пожали дека од другата страна имало „игри зад сцена“.
„Ние први ги препознавме, финансиски помагавме, помагавме и воено за време на југословенското ембарго. Очекувавме колегијален став, а добивме игри зад сцената“, вели Каракачанов, кој се осврна и на македонското малцинство во Бугарија.
„Не очекувавме враќање на романтичните односи од 19 век, но во текот на сите овие години добивавме игри зад сцената, тврдења за ‘македонско малцинство’… Историјата е точна наука, не можете да имате ‘повеќеслоен’ став кон неа. Утре можете да се прогласите за Марсовец и да прогласите дека Цар Самоил е од Марс“, рече тој.
Според Каракачанов, целиот идентитет на Македонците се засновал на омраза кон Бугарите, и во Бугарија и во Северна Македонија и порача дека самоопределувањето на Македонците “не може да биде од украдената бугарска историја“.
Даде и свое мислење за преименувањето на 24 Мај, Денот на словенските просветители во Ден на бугарската азбука.
„Азбуката е создадена во бугарските земји, во земјите на бугарските кралеви и им ја дадовме на другите Словени. Затоа, ние мора да ги славиме нашите заслуги. Останатите ја искористија генијалноста на Борис Крстителот и на луѓето кои ја исполнија неговата задача“, рече тој.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Од агент на бугарската служба за безбедност до вицепремиер: Кој е Красимир Каракачанов
Фото: Каракачанов/Фејсбук