еМагазин
Image default
Бизнис

(Листа) 11 медиуми добија финансиска поддршка од државата за печатење и дистрибуција

Единаесет печатени медиуми ќе добијат пари за 2020 година од Владата која трета година ја реализира Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми.

Од пристигнати 14 барања, одобрена е поддршка за  медиумите кои ги исполниле критериумите и имале уредна и комплетна документација: „Економија и бизнис“; „Коха“; „Вечер“; „Зенит“; „Нова Македонија“; „Фокус“; Битолски весник“; „Слободен печат“; „Штипски глас“; „Лајм“ и „Шења“.

Финансиска поддршка им е доделена на оние печатени медиуми кои ги имаат исполнето сите обврски кон државата и кон вработените за 2019 година.

Трите печатени медиуми кои побарале и не добиле поддршка се специјализирани изданија, а основниот критериум, наведува Владата во соопштение, е дека корисници  на овие средства треба да бидат печатените медиуми од општ информативен карактер кои објавуваат содржина насочена кон непрекинато информирање на јавноста за тековните политички, економски, социјални и културни прашања.

– На овие 11 медиумски компании, им се распределени, согласно критериумите 29.999.999 денари, од вкупно 30 милиони денари предвидени во Буџетот за 2020 година за поддршка на печатените медиуми.

Комисијата донесе одлука врз основа на доставените барања и комплетната документација, согласно јасно дефинирани критериуми. Висината на одобрената поддршка е утврдена врз основа на доставените фактури за календарската 2019 година, а е дефинирана со договор потпишан помеѓу Генералниот секретаријат и избраните корисници врз основа на Записник за евалуација и Извештај на одобрени барања, соопшти владината прес-служба.

Согласно предвидениот буџет за 2020 година, на печатените медиуми на македонски јазик исплатени се средства во висина од 36,8 отсто за направените трошоци за печатење и 36,8 отсто за трошоците за дистрибуција, а на печатените медиуми кои се издаваат на јазиците на етничките заедници во висина од 50,8 отсто  за направените трошоци за печатење и 50,8 отсто за трошоците за дистрибуција. Комисијата едногласно одлучила остатокот на средствата од вкупниот буџет да ги додели на регионалните медиуми, и тоа по 15.833 денари на „Зенит“, „Битолски весник“ и „Штипски глас“.

Прес-службата на Владата информира дека постапката за избор на корисниците на средствата ја спровела Комисија формирана од Генералниот секретаријат во која, покрај претставници на надлежните институции, членуваат и по еден претставник на Асоцијацијата за заштита на националните печатени медиуми во Северна Македонија и еден претставник на Здружението на новинари.

Целта на Програмата е да се реализираат активностите за поддршка на печатените медиуми од општ и информативен карактер, а дизајнирана е во насока на заштита на плурализмот во областа на медиумите во соработка со сите засегнати страни.

– Програмата се реализира веќе трета година по ред. Владата е целосно посветена на поддршка на квалитетното и професионално новинарство и почитување на етичките стандарди во медиумите, и остануваме отворени за изнаоѓање транспарентно системско решение, во инклузивен процес со сите засегнати страни од сферата на медиумите, соопшти владината прес-служба која во прилог достави и табела со сумите исплатени на секој од 11-те медиуми.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Штипски Бетон во загуба

Редакција

Кои се најтргувани акции на Македонската берза во јуни

Редакција

Горивата поскапуваат до два денари

Редакција