Најмногу дожд наврна во Охрид и Дебар, а снежна покривка има на Попова Шапка.
Според информациите на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во Охрид се наврнати 26 л/м2, 22 во Дебар, 19 во Претор и Пожаране, 18 во Берово, 17 во Битола и Крушево, 14 во Прилеп, 12 во Струмица и Дојран, 11 во Демир Капија, девет во Тетово, осум во Крива Паланка и Штип, шест во Скопје-Зајчев Рид, четири во Куманово и два во Скопје-Петровец.
На Попова Шапка висината на снежната покривка утрово изнесува 46 сантиметри.
Утринската температура во целата земја била над нула. Во Крива Паланка, Тетово и Крушево се измерени нула степени, еден во Скопје-Зајчев Рид, Дебар и Куманово, два во Скопје-Петровец, Штип и Берово, три во Битола и Прилеп, четири во Демир Капија и Струмица, пет во Охрид, Гевгелија, Дојран и осум степени во Претор.
Во текот на ноќта и утрово времето е облачно, со врнежи од дожд. Утрово појава на магла има во кривопаланечкиот регион.
Во текот на денот ќе се задржи облачно со врнежи од дожд. Врнежите ќе бидат пообилни во северните и северозападните делови каде локално се очекува да наврнат и над 30 л/м2.
Врнежите повремено ќе бидат поројни, проследени со засилен ветер, кој на места ќе достигнува брзина и над 70 км/час.
Максималната температура ќе биде во интервал од 5 до 13 степени.
Во Скопје, облачно време со врнежи од дожд. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.