еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Илон Маск му даде легитимитет на Биткоинот: Банкарите се плашат, паметните се богатат од криптовалутата

Со инвестирање на 1,5 милијарди долари во криптовалутата Биткоин, финансискиот магнат Илон Маск преку неговата компанија „Тесла“ ја зголеми вредноста на криптовалутата за 24 отсто во еден ден.

Ваквиот потег повторно го актуелизира Биткоинот и го отвори прашањето колку е безбедно да се инвестира во оваа криптовалута.

МИСТЕРИОЗНИОТ ОСНОВАЧ

Не се знае многу за основачот на оваа криптовалута освен дека неговото име е Сатоши Накамото.

Дали се работи за псевдоним зад кој се кријат група програмери или една личност никој не знае до денеска.

Главна цел на Биткоинот, кој беше измислен среде најголемата финансиска криза во 2009 година беше да се основа дигитален паричен систем кој банките и централните банки ги прави непотребни.

Оттогаш наваму оваа криптовалута се користи за исплати во многу видови бизниси.

ОТПОР КАЈ БАНКАРИТЕ

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард неодамна повика на глобално регулирање на трговијата со биткоин, наведувајќи дека оваа дигитална валута во некои случаи се користи за активности за перење пари и дека е потребно да се затворат сите „дупки“ во регулативата.

„Биткоинот е високо шпекулативно средство што се користи за некои чудни деловни активности и за некои интересни и целосно неприфатливи активности за перење пари“, рече Лагард на конференцијата „Ројтерс некст“.

Таа не наведе конкретни случаи во кои таа дигитална валута е користена за перење пари, но рече дека има информации дека се води кривична истрага против тие незаконски активности. Таа не даде повеќе детали за тоа.

Со својот апел шефицата на ЕЦБ им се придружи на бројните регулатори од целиот свет во повиците за примена на глобалните правила и криптовалутите.

„Мора да има регулатива. Таа мора да се применува и да се договара на глобално ниво, и ако некој го избегнува тоа, тоа бегство ќе биде злоупотребено“, рече Лагард.

ОТПОР ОД МОНЕТАРНАТА ВЛАСТ И ВО МАКЕДОНИЈА

Народната банка на Република Македонија неколку пати досега ѝ укажа на јавноста да биде внимателна во однос на понудите кои доаѓаат преку електронските медиуми за купување и тргување со дигиталните (крипто) валути.

„Директен повод за соопштението е објавата за бесплатен онлајн курс за биткоин и начинот на тргување со оваа дигитална (крипто) валута. НБРМ укажува дека според важечката регулатива во Република Македонија вложувањето од страна на правните и физичките лица резиденти на РМ во виртуелни или крипто валути не е дозволено, исто како што не е дозволено ниту отворање сметки и купување хартии од вредност и деривативни финансиски инструменти во странство, освен при пропишани исклучоци.

Дигиталните валути земаат сѐ поширок замав во светски рамки и интересот за нив сѐ повеќе расте, водено од високите и растечки приноси, без да се има јасна слика што значат точно вложувањата во крипто валутите и кои се ризиците коишто ги носат тие.

Некои дигитални валути имаат елементи на пирамидални шеми, како што е случајот со Уанкоин (OneCoin), при што во неколку земји од Европа беа објавени предупредувања или беа започнати истраги во однос на вложувањата во Уанкоин.

Од друга страна, некои криптовалути, како на пример биткоинот, се прифатени и се во примена во одредени земји“, се вели во соопштението што пред неколку години го објави НБМ.

Народната банка укажува на ризиците кои произлегуваат од ваквите вложувања, бидејќи средството кое овозможува многу високи приноси, вообичаено носи и големи ризици за загуба.

„Поради рапидното зголемување на интересот за инвестирање во виртуелните (крипто) валути, нивната цена многу брзо расте, а финансиско средство чија вредност многу брзо се зголемува станува шпекулативно, односно меур кој порано или подоцна ќе пукне.

Според информациите од интернет, на почетокот на 2010 година цената на еден биткоин изнесувала 0,003 долари, додека денес цената изнесува преку 2.500 долари за еден биткоин.

Или само за неколку месеци од 2017 година, цената на еден биткоин се зголемила за близу 300%.

Вредноста на крипто валутите се менува главно врз основа на побарувачката за нив, така што и пазарот за нив е нестабилен. Доколку опадне популарноста на крипто валутата, соодветно ќе се намали и нејзината вредност.

Постојат и други ризици во трансакциите поврзани со купувањето, чувањето и разменувањето на крипто валутите. Тргувањето со дигиталните валути се врши преку платформи кои најчесто не се регулирани и чиишто правила за работење се предмет на чести измени, па дури и запирање со работа без најава ниту објаснување.

Не постои никаква правна заштита за средствата кои се вложени преку овие софтверски платформи, ниту пак постои механизам за обесштетување на клиентите, како што е тоа случај со депозитите вложени во банка која има дозвола за основање и работење издадена од гувернерот на Народната банка.

Купените крипто валути се чуваат на виртуелна сметка или т.н. дигитален паричник, кој е и најчеста мета на хакерските напади, што може да предизвика директна загуба за вложувачите.

Учесниците во трансакциите со виртуeлните валути најчесто се анонимни и самите трансакции не може да се следат, што вообичаено создава сомнеж дека трансакциите може да бидат поврзани со криминални активности, перење пари, финансирање тероризам, итн.

Доколку се појават вакви сомневања, надлежните органи според своите законски овластувања, можат да ја блокираат платформата и да ги замрзнат средствата, што покрај финансиската загуба, може да влијае и врз интегритетот на вложувачите“, се наведува во соопштението од НБРМ од пред неколку години.

Но, факт е дека деновиве Биткоинот надмина вредност од 40.000 долари и дека легититмитет му даваат инвеститори како Илон Маск. Впечаток е дека традиционалниот банкарски систем се плаши да не ја загуби работата која се базира на несразмерно ниски камати за депозити и огромни камати за кредити, од што заработуваат милиони на грбот на населението и на компаниите.

Фото: Unspleash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Предупредување од Центарот за управување со кризи: Следува период со пороен дожд, грмежи и силен ветер

Редакција

Ќе реагираат ли институциите за случајот во кој човек фирма од Штип бара од Македонски телеком 4 милиони евра?

Редакција

Првата македонска компанија за правење тортилји „Бејкинг фектори“, долгорочно ќе донира производи на Црвен Крст

Редакција