еМагазин
Image default
Свет

Студија: Лековите против холесторол ја намалуваат смртноста од Ковид-19

Стотици милиони луѓе низ светот користат статини, лекови кои го намалуваат нивото на холестерол во крвта и го спречуваат ризикот од развој на срцеви заболувања. Едно ново американско истражување покажа дека статините, „лекови против маснотии“, исто така, ја намалуваат смртноста од Ковид-19, пренесува порталот Медикал Њуз Тудеј.

Покрај нивната примарна цел, статините, исто така, имаат силно антиинфламаторно, антикоагулантно и антивирусно дејство, а сето тоа може да придонесе за намалување на компликациите поврзани со тешката клиничка слика на коронавирусот.

Затоа не е изненадувачки што група американски научници, вклучително и кардиолози кои се грижеле за лица заболени со Ковид-19, го испитуваат влијанието на статините врз оваа болест.

Тие го споредиле исходот од третманот на 1.296 пациенти хоспитализирани поради Ковид-19. Половина од нив редовно користеле статини пред инфекцијата, а половина не.

Научниците откриле дека употребата на статин кај испитаниците ја намалува смртноста за 50 проценти еден месец по хоспитализацијата.

Ова е најголемата студија од ваков вид досега спроведена, но не е единствената.

Истражувањето спроведено минатата година во Сингапур покажа дека луѓето кои користат статини имаат помала веројатност да завршат на оддел за интензивна нега поради коронавирусот, отколку оние кои не ги земаат како вообичаена терапија.

Американско истражување, исто така, открива дека пациентите кои користат статини побрзо се опоравуваат од коронавирусот.

Научниците сметаат дека ова се случува, бидејќи статините, покрај тоа што го намалуваат воспалението и ризикот од згрутчување, го отстрануваат холестеролот од надворешните обвивки на клетката.

Рецепторите на кои се врзува САРС-КоВ-2, вирусот што предизвикува Ковид-19, се наоѓаат токму во делот на клеточната мембрана каде се таложи холестеролот. Без него, вирусот не може да навлезе во клетката, покажуваат резултатите од студијата.

– Ако клиничките истражувања ги потврдат резултатите, статините би можеле да се покажат како евтина и ефикасна терапевтска стратегија во борбата против Ковид-19, изјави шефот на студијата, д-р Махеш В. Мадхаван, кардиолог од Медицинскиот центар Ирвинг на Универзитетот Колумбија во Њујорк.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

СЗО: Пандемијата со Ковид-19 ќе трае и во 2022 година

Редакција

Студија во „Лансет“: Британскиот сој не предизвикува потешки форми на Kовид-19

Редакција

Рускиот опозиционер Навални доби уште девет години затвор

Редакција