Претседателот на Собранието, Талат Џафери засега останува на ставот дека пратениците треба најнапред да го изгласаат дневниот ред на 36. седница и притоа да се утврдат приоритетни точки за гласање, а не, како што бара ВМРО-ДПМНЕ, да се одржи посебна седница на која би се изгласале одлуката за продолжување на кризната состојба на јужната и на северната граница и трите закони поврзани со антикризните мерки за Ковид-19.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мицкоски вети кворум за клучните антикризни закони, побара утре да се закаже седница во Собранието
Од Кабинетот на Џафери за МИА велат дека на прес-конференцијата во понеделникот претседателот на законодавниот дом образложил зошто мора да биде така повикувајќи се на членови на Деловникот за работа на Собранието, и оти на дополнителни прашања во врска со оваа тема ќе одговара на утрешниот редовен брифинг со новинарите.
-Пленарните седници се свикуваат врз основа на членот 68 од Деловникот за работа на Собранието. Јас сум ја свикал седницата на 9-ти за да се одржи на 23-ти, рече Џафери на прес-конференцијата, нагласувајќи дека не прифаќа ултимативни барања од опозицијата.
Тој тогаш кажа дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на координацијата понудила решение со тоа што нивните пратеници ќе направат кворум за да може да се донесат одлуката за кризната состојба и трите закони за поврзани со ковид – мерките.
Џафери рече дека на координацијата укажал дека тоа е спротивно на закон и на процедурите.
-Усвојувањето на дневниот ред е надлежност на пленумот, а не слободна волја на предлагачот на дневиот ред, претседателот на Собранието, па да може да се прави калкулации, рече Џафери.
Освен брифинг со новинарите, во Собранаието утре треба да се одржи и седница за поставување пратенички прашања.
Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска го повика Собранието утре пред седницата за пратенички прашања да се свика седница само за одлуката за кризната состојба и за трите антикризни закони.
Во изјава за медиумите, пак, премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев кажа дека утре ќе одржи средба со претседателот на Собранието, Џафери, како и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со цел, како што рече, да се разгледаат одредени можности за одблокирање на Собранието.
Изрази надеж дека блокадата на Парламентот е од времен карактер поради позитивни пратеници на Ковид-19, по чие враќање ќе се стави во функција Собранието за поголем дел од точките на дневен ред и поважните закони.
Владејачкото мнозинство во Собранието во моментот брои 62 пратеници, а двајца од нив се позитивни на Ковид-19. Поради тоа мнозинството не може да обезбеди крворум за работа и да се гласа за одредени закони, доколку опозицијата не присуствува на седниците.
Дополнително, пратеничката група на Алијанса за Албанците и Алтернатива со над 32.000 амандмани блокираат 20 закони, меѓу кои и одлуката за продолжување на кризната состојба со околу 400 амандмани, поради неподдршката за нивниот Закон за државјанства.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Заев утре ќе се сретнел со Џафери и Ахмети за да се разгледаат можностите за деблокада на Собранието
МИА/Фото: Собрание