еМагазин
Image default
Македонија

Изборниот законик и пописот „на маса“ пред Заев и Мицкоски на денешната тет-а тет средба

Премиерот Зоран Заев во четвртокот вечерта соопшти дека ја прифатил понудата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за нивна тет-а-тет средба, која како што најави ќе се одржи денеска во 13 часот во Клубот на пратеници.

– Договорена е средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во понеделник во 13 часот во Клубот на пратеници. Ќе разговарам со Мицкоски за најважните прашања од интерес на граѓаните со цел државата да ни оди напред, напиша Заев на својот Фејсбук-профил во четвртокот вечерта.

Објавата на Заев уследи откако Мицкоски претходно го повика на тет-а-тет средба во Клубот на пратеници, за да разговараат за кризата со пандемијата, работата на Парламентот, за пописот, економијата, евроинтеграциите, изборите…

– Стојам на располагање, ќе го прилагодам моето време, така како што нему му одговара, да разговараме за сите проблеми кои се од животно значење за граѓаните, од кризата со пандемијата до работата на Парламентот, за што е денеска отворено, а не решено.

Зборувам за тет-а-тет средба како двајца претседатели на двете најголеми политички партии кои имаат повеќе од две третини пратеници во рамките на Парламентот. Го повикувам, се надевам дека нема да бидам погрешно сфатен од страна на останатите политички лидери, бидејќи целта ми е навистина искрена.

Целта е да се постигне консензус меѓу двете најголеми политички партии, рече Мицкоски во четвртокот во гостувањето во вестите на телевизијата Сител.

Заев во петокот изјави дека верува оти по средбата со Мицкоски ќе соопштат дека е најдено решение помеѓу големите политички субјекти за Изборниот законик и воведувањето на отисок на прстот или фингерпринтот на следните избори, а најави и можен договор за вакцинирање на попишувачите.

– Верувам дека Собранието многу брзо ќе го стави на дневен ред за да го решиме тоа прашање затоа што имаме уште за работа во Изборниот законик, а тоа е да ги вградиме препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а и да ги определиме изборните модели, рече Заев.

Премиерот најави дека со Мицкоски ќе разговара и за повиците за бојкотирање на пописот и неотворање врата на попишувачите, иако, како што рече, тоа се само поединци.

– Ќе ја искористам приликата да зборувам со Мицкоски за ваквите изјави. Не е суштината на казната од 200 или 300 евра, таа е голема, не е мала, но се надевам дека нема да ја има заради тоа што секој од нас граѓаните може да оддели не повеќе од 10 минути и конечно по 20 години да имаме попис во нашата земја, рече Заев.

Во својата изјава дадена на настан во Делчево, премиерот рече и дека без разлика на која функција и да биде, тој би сакал опозицијата и владејачките партии да соработуваат и оти верува дека така преку заедништвото двојно или тројно ќе се зголеми успехот на државата. Од тој аспект ја прифатил и поканата на Мицкоски за средба.

– Имаме многу што да разговараме, но секако најважно е да седнеме низ дијалог да изнаоѓаме решенија затоа што постоиме да им служиме на граѓаните, порача Заев.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Вкупно 2.900: Од Ковид-19 починаа 7 лица

Редакција

Случај„Талир„: Судењето за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ одложено поради отсуство на обвинетиот Ристоски

Редакција

Нови 530 случаи на Ковид-19 од 1.999 тестирања

Редакција