Велигден, денот на Христовото воскресение, е празник на животот и настан што ја промени историјата на светот. Воскреснатиот Господ е почеток и крај, и под небото нема друго име со кое би можеле да се спасиме. Оттаму Христовото Воскресение е нашата непоколеблива надеж, зашто „од смртта кон животот и од земјата кон Небото, Христос Бог нè преведе“. Затоа, животот на секој христијанин, треба постојано да се напојува и да се храни од верата во славното Христово Воскресение, истакнува во велигденското обраќање архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
И тој неповторлив настан, посочува г.г. Стефан, не треба да се доживува како празнување заради празнување, туку треба да биде вистинско сведочење, со учество во сеспасителната победа на животот над смртта.
-Живееме во време со постојани искушенија. А како и сиот свет, и ние се соочуваме со здравствени проблеми – со ширењето на заразната болест, кое продре во сите сегменти од живеењето.
Затоа татковски повикувавме и повикуваме на трпеливо прифаќање и на спроведување на предвидените мерки, на претпазливо чување на своето и на здравјето на другите, како и навремено примање на соодветни лекарства и вакцини.
Исто така, потребно е да се оддадеме и на постојана молитва: и за тие што боледуваат, и за тие што се трудат околу нив, како и за душите на оние коишто починаа од последиците на болеста, потенцира архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
Господ Христос, преку Својата жртва, го победи секое страдање и ни донесе радост, која никој не може да ни ја одземе.
Затоа, да Му благодариме за сѐ на Бога ‒ распнатиот и воскреснатиот, покорувајќи се на Неговата волја и молејќи Го да ни дарува трпение и послушание, да нѐ упати кон секое добро дело, да нѐ утврди во верата и да нѐ подготви за достојни исполнители на Неговото Свето Евангелие.
Честитајќи ви го Празникот над празниците, на сите чеда на Мајката Македонска Црква, во Татковината и насекаде по светот – ве поздравуваме со најрадосниот поздрав: Христос Воскресе!, истакнува г.г. Стефан во Велигденското обраќање.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Доктор Беќаровски: Ваша одлука е дали ќе им верувате на црните мантии или на белите мантили
„Ако користат едно лажиче, што не се возат во еден џип“: Владиката Петар на „тапет“ на Твитер
Владиката Петар за „Плусинфо“: Ни Свети Филипче нема да ја натера МПЦ да причестува со чисто лажиче
Фото: МИА