Професорот на Технички факултет во Битола, Дејан Трајковски на неговиот Фејсбук-профил секојдневно прави анализи за трендот на заболени и починати од Ковид-19 во Македонија и светот.
Ви ја пренесуваме неговата последна анализа.
„Во Битола вчера, после подолг временски период, немаше починати од Ковид-19. Црната серија барем за момент беше прекината, што е важно од психолошка гледна точка, иако седумдневниот подвижен просек на дневниот број на починати се уште е прилично висок (околу 2,7, на првиот дијаграм).
На истиот дијаграм се забележува дека пролетниот врв на смртните случаи дефинитивно е зад нас, иако стапката на леталитет е се уште прилично висока.
Како што опаѓа бројот на хоспитализираните, така во наредните денови ќе се намалува и бројот на починатите.
Бројот на активни случаи, а особено бројот на хоспитализирани во овој, пролетен бран, споредено со претходните бранови, најбрзо се намалува после надминувањето на врвот (на вториот дијаграм).
Бидејќи во Битола се наоѓа регионалниот ковид центар, забележуваме дека ланското лето, при мал број на активни случаи од Битола, бројот на хоспитализирани (црвената линија на вториот дијаграм) беше несразмерно голем.
Се разбира, тоа беа хоспитализираните од другите градови.
Во есенскиот бран бројот на хоспитализирани имаше плато, како што се преклопуваа врвовите на заразувањето од соседните општини.
Но, во пролетниот бран врвот на заразувањето, активните и хоспитализираните беше претежно од битолчани, па така врвот на активните (сината линија) и хоспитализираните (црвената линија) се прилично јасни и остри.
Инаку, да се потсетиме дека бројот на хоспитализирани се однесува само на ковид-центарот.
Извесен број испишани продолжуваат со лекување на интерното одделение, а многумина и во домашни услови, така што вкупниот број на луѓе кои се уште не се сосема здрави (иако немаат ковид) е прилично голем.
Гаснењето на епидимискиот бран во Битола во последно време оди многу добро, што се гледа од седумдневниот просек на ефективниот репродукционен број (Rt = 0,51 ± 0,29), којшто е на самата граница помеѓу умерено и ниско ниво – нешто што не сме виделе речиси цела година.
Гледајќи ги другите градови (на пример Куманово, Прилеп и Струмица), чудно е од каде се уште таму се појавуваат нови и нови случаи, после толку високата прележаност.
Во Битола 14-дневната инциденца на врвот на пролетниот бран беше страотна, 1.070 случаи на 100.000 жители, 9 пати над четвртиот степен на многу визок ризик за ширење на заразата (според ECDC).
Но, во Прилеп беше уште повисока, околу 1.250 на 100.000 жители – па сепак се уште продолжуваат со релативно високи бројки.
Постепеното намалување на бројот на активни случаи ќе потрае уште долго (секогаш ќе има извесно спорадично, т.е. случајно заразување што нема да дозволи бројот на активните да опадне до нула), но барем се гледа дека вкупниот број на случаи нема да биде многу над 6.500, од сегашните 6.195.
Ова се гледа од фазниот дијаграм I-T (активни наспроти вкупно случаи, на четвртата слика), како точка на пресекот на црвената линија на екстраполација на дијаграмот до пресекот со хоризонталната оска.
Слично како и на државно ниво, ќе уживаме во малите бројки наредните 5 месеци, односно додека трае летото и почетокот на учебната година.
Доколку во државата не влезат и не се рашират новите соеви (бразилскиот, бенгаскиот и останатите), не останува уште многу население за заразување и прележување, така што најверојатно повеќе нема да видиме толку ужасни бранови како во есента и пролетта.
Иако, гледајќи ги Бразил и Перу, кои влегуваат во втората зимска сезона на епидемијата, никогаш не се знае. За повеќето развиени земји епидемијата најверојатно е веќе завршена или барем имаат начин како да ја завршат.
Кај нас ни тоа не е гарантирано, при постоечкиот (недоволен ) интерес за вакцинирање“, напиша тој вчера на Фејсбук.
Фото: Фејсбук/Трајковски