Потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски денеска од Охрид истакна дека партијата информациите за случајот со криминалот во РЕК Битола ги добила од високопозициониран член на владејачкиот СДСМ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
-Информациите до ВМРО-ДПМНЕ стигнаа од високопозициониран член на највисокото раководство на СДСМ кој заради Законот за заштита на свиркачи не можам да го споменам по име и презиме.
Во моментов ВМРО поседува бројна документација за скандали и други афери од коруптивен карактер што ќе ги изнесеме пред јавноста наредниот период, а исто така се добиени од високопозицонирани лица во самиот врв на СДСМ, рече тој.
Истовремено Николоски истакна дека веќе три дена наместо да се истражува Вице и раководството на РЕК Битола, кое се обидело да направи рекет од 253 илјади евра, се гонат оние кои, условно кажано, го информирале ВМРО-ДПМНЕ за криминалот.
-Видовме како маскирани полициски службеници и специјалци влегуваат во домовите на инспектори што се занимаваат го гонење на криминал, во присуство на нивните деца и сопруги што е недозволиво и што потсетува на едни други тоталитарни времиња.
Да им помогнам на СДСМ, да престанат со таков начин на дејствување и наместо да ги гонат оние што наводно ја дале информацијата, треба да ги гонат оние што довеле до тоа да има рекет од 253 илјади евра, рече тој.
Николоски е во Охрид каде учествува на тридневната обука што за пратеничката група и коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ се организира со поддршка на германската фондација „Конрад Аденауер“.
Бројни домашни и меѓународни, пред се германски експерти, учествуваа на обуката насочена кон стекнување вештини и знаења на партиските членови и пратениците, пред се во делот на настапот во Собранието, комуникација со јавноста, контрола на власта, како и избори и предизборни кампањи.
-Вака голем настан се случува првпат од 2005 година наваму, што зборува за сериозен напредок и односите со сестринската ЦДУ партија од Германија. Очекуваме пратениците искуствата да ги преточат и во Собранието, како и во битката што очекуваме да ја водиме летово за предвремени парламентарни избори, што би се случиле заедно со локалните избори на крајот на октомври, рече Николоски.
МИА/Фото: ВМРО-ДПМНЕ