еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Мицкоски тврди дека Вице Заев изнудувал 250 илјади евра од битолска фирма, братот на премиерот вели се е лага

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска сподели информации и документи за наводен сомнеж за фалсификување на документи од страна на Лазе Велковски, поранешен полициски началник и обвинителката Вилма Русковска, како и за изнуда на пари од компанијата Рубиткон Битола, која била добитник на тендер за ископ на јаглен во РЕК Битола.

Пријавата до полицијата ја поднеле сопствениците на компанијата, од кои како што беше посочено директорот на РЕК Битола, Васко Ковачевски сакал да изнуди пари, а во пријавата се споменува и лице Вице Н., за кого постојат сомнежи дека е братот на премиерот Зоран Заев.

Документите од Бирото за јавна безбедност (БЈБ) доставени во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција што беа поделени на средбата, Мицкоски кажа дека се добиени од свиркачи.

Наводно според информациите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, Велковски го зел оригиналниот документ од Русковска, и вратил фалсификуван документ во којшто недостасува делот каде што се споменува лицето Вице Н.

Поднесокот од БЈБ до Обвинителството бил поднесен во февруари 2020 година, за време на техничката влада и, според тврдењата на Мицкоски до денеска нема одговор што се случува со предметот.

Вице Заев: Станува збор за лага

Обвинувањата на Мицкоски немаат врска со реалноста, станува збор за лага, измислица, креација во умот на човекот кој е опседнат со мене, вели бизнисменот Вице Заев за Фокус.

-Мицкоски очигледно мисли дека со тоа што ќе прави конструкции за мое оцрнување ќе му кажат дека е врвен политичар. Ако има комплекси некој човек, ако е опседнат со мене, не може тоа да биде мој проблем.

Нема ништо вистина во ова што го зборува Мицкоски, затоа се крие зад брифинзи, се плаши од тужба. Да имаше бриферот Мицковски некаков доказ ќе го приложеше, ама нема. И самиот вели барале средба, а не се случила, вели Заев за Фокус.

Демант од ЕСМ и РЕК Битола 

Реакција стигна и од ЕСМ и РЕК Битола.

“АД ЕСМ и Подружница РЕК Битола остро ги демантираат пишувањата за наводен скандал во РЕК Битола поврзан со ископот на јаглен во комбинатот што денес го обзнанил лидерот на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ на брифинг со новинари.

Станува збор за истите обвинувања што АД ЕСМ и РЕК Битола ги демантираа и во 2019 и во 2020 година.

Како што сме известиле во повеќе наврати во врска со овие неосновани и тенденциозни напади врз комбинатот и компанијата, договорот со фирмата Рубитон која ископуваше јаловина (земја) во рудникот Суводол, е раскинат од страна на РЕК Битола на 07.11.2018 од причини што Рубитон не го вршеше ископот со динамика и количини предвидени во договорот, за што постојат записници и други релевантни документи од стручните служби на РЕК Битола.

Со цел да се обезбеди навремена откривка на јагленот за грејната сезона која беше во тек, пристапено е кон раскинување на договорот и повикани беа четири други економски оператори да достават итни понуди за продолжување на ископот.

Повикани беа Гранит, Машинокоп, ГП Пелистер и СВ Инвест. На повикот се одзваа Гранит и СВ инвест, кои во целост ги исполнуваа законски предвидените критериуми за оваа јавна набавка.

Спроведено беше непосредно наддавање меѓу пријавените оператори, при што најниска цена понуди СВ Инвест, односно постигната беше истата цена по која се вршеше ископот и дотогаш, од страна на фирмата на која и беше раскинат договорот поради неисполнување на обврските.

Заради раскинувањето на договорот за работа во РЕК Битола, фирмата Рубитон има поведено судски спор пред надлежен суд чиј епилог го очекуваме.

Во оваа прилика, сакаме да изразиме сомнеж дека зад континуираните напади на опозициската партија кон РЕК Битола, конкретно за случајот Рубитон, се кријат лукративни причини и на економскиот оператор и на политичката партија.

Имено, сопствениците на фирмата Рубитон се во блиски роднински врски со поранешен директор на РЕК Битола од времето на владеење на ВМРО – ДПМНЕ. Само во периодот 2015 година – 2018 година оваа фирма од РЕК Битола наплатила над 370.000.000 денари за ископ на јаловина.

На крај, сите документи поврзани со случајот Рубитон се наоѓаат и кај судските инстанци и во РЕК Битола. Јавноста, па и лидерот на опозициската партија се добредојдени да ги разгледаат“, се вели во реакцијата.

МИА/еМагазин/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео+Фото) Симон Трпчески со Македонисимо ја крена на нозе штипската публика и им приреди незаборавно доживување

Редакција

Новинарите наместо правда, за крвавиот четврток добија само прашање од судиите, „што сме барале на 27 април во Собранието“, вели Мрѓа

Редакција

Во сон почина познатиот американски актер Реј Лиота

Редакција