еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

Доделени наградите за најдобри новинарски стории за инклузивно известување за различностите во време на Ковид-19

Ирена Каревска од редакцијата на „360 степени“ за сторијата „Децата за кои не почна новата учебна година“ ја доби првата награда на Конкурсот за најдобри новинарски стории за инклузивно известување за различностите за време на Ковид-19, кој го организираше Советот за етика во медиумите (СЕММ) со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Второнаградена е Христина Ѓорѓиевска од „Види вака“ за сторијата „Коронавирус – борба низ иглени уши за работничките права“, а третата награда ја доби Арбана Керими од ТВ21 за сторијата „Руинирана училница од пет метри квадратни“.

Поради високиот квалитет, жирито додели и две признанија – на новинарката Ана Зафирова за темата „Самохраните мајки во пандемија“ и на Катерина Топалова за темата „Штипјанец им гради куќи на сиромашните“.

Извршната директорка на СЕММ, Марина Тунева денеска на онлајн-соопштувањето на наградите рече дека на конкурсот имало солиден одзив и се пријавиле 20 автори со 41 новинарска сторија.

-Инклузивното известување подразбира да им се даде глас на сите во медиумското известување, особено во насока на градење и одржување на кредибилитетот на медиумите. Доколку публиката се препознае во медиумското известување, на тој начин таа ќе верува и на она што се пласира во самите новинарски содржини, рече Тунева.

Сториите годинава ги оценуваше тричлено жири во состав: Билјана Петковска, директорка на Македонскиот институт за медиуми, Драган Секлуовски, извршен директор на Здружението на новинарите на Македонија и Љулзим Хазири, новинар и извршен директор на Асоцијацијата на демократска иницијатива (АДИ) од Гостивар, кој беше претседател на жирито.

Хазири соопшти дека жирито ги разгледало 41 сторија и било задоволно од пријавените трудови зашто повеќето од нив имале солиден квалитет на прикажување на избраните теми. Во одлучувањето за наградите, рече, жирито се водело од квалитетот на новинарските стории, колку се користени сите извори, до кој степен сторијата го промовира концептот на инклузија и интеграција на ранливите и маргинализирани групи, како и другите професионални стандарди.

-Одлуката не беше тешка зашто проценката на сите членови на жирито беа приближно исти. Поголем дел од приказните што се натпреваруваа ги карактеризираше детално издржлива изработка на теми од областа на инклузивно известување за промените во времето на Ковид-19.

Исто така, фактите и иннформациите во елаборираните стории имаа за цел да влијаат на односот на јавноста и да ги предизвикаат властите да ги решат проблемите што се третираат во овие стории, рече Хазири и ги повика уредниците во медиумите да ги пријавуваат темите на нивните новинари на различни натпревари кои го промовираат концептот за вклучување и интеграција на ранливите и маргинализираните групи.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која во онлајн-обраќањето по повод доделените награди ги повика медиумски професионалци да станат сојузници во бранењето на човековите права.

-Говорот на омраза, дискриминацијата, стигмата и  исклучувањето на гласот и искуствата на маргинализираните групи претставуваат комплексни предизвици во секоја земја, а тие исто така оставија длабока трага и за време на пандемијата, рече Која, додавајќи дека е важно да се обезбеди еднаква застапеност на различните групи во општеството, а со тоа и да се обезбедат еднакви можности за сите лица.

Повикот за апликации за конкурсот беше наменет за професионални новинари и редакции во државата за стории објавени од 1 мај 2020 до 1 мај 2021.

Критериумите за наградите беа автентична и аналитична новинарска работа од поширок јавен интерес, која ги задоволува највисоките етички стандарди во новинарството. Конкурсот беше отворен за пријави во каква било новинарска форма или жанр – текст, прилог, документарец, репортажа, интервју.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Презентирано истражувањето „Европски навики за плаќање во 2019 година“

Редакција

Ново од продукцијата на Телеком Србија: „Круна“ – музичка бајка која ни носи познати актерски имиња и целосно оригинален жанр

Редакција

Енергетска поддршка од Имлек протеин на Охрид ultra trail 2024

Редакција