еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Исклучително тешки се уште остануваат пожарите во делчевскиот и пехчевскиот регион

Како исклучително тешки се уште остануваат пожарите во делчевскиот и пехчевскиот регион – Нов Иствник, Пасјак, Трботивиште и Разловци. Во моментот се дејствува со жива сила, со материјално-технички средства, со поддршка и помош од хеликоптерската единица на АРМ и на соседната држава Србија. Но, времето и условите се исклучително тешки. Јачината на ветерот е 60 километри на час и сето тоа отежнува и придонесува да не може да се дејствува и да се спречи пожарното дејство, изјави попладнево раководителот на Секторот за операции и координација при Центарот за управување со кризи (ЦУК), Горан Стојановски.

Исклучително тешка е состојбата и во Пехчево и во овој момент се дејствува во месноста викана Бајаз Тепе, Црник, Мачево.

– Има некаде над 350 луѓе на тој потег, помогнати масовно од мештаните на Пехчево, но состојбите се уште не се под контрола. Можно е пожарот да избега во правец на Република Бугарија. Со сигурност не можеме да кажеме.

Правиме напори за вклучување на дополнителни хеликоптери за да можеме барем тој појас да го заштитиме и оневозможиме продирање на просторот на територија на Република Бугарија. Се прават пресеци со градежни машини, се заоруваат ниви, односно и необработливи површини, се сечат дрвја се со цел да се спречи понатамошното интензивно ширење, потенцира Стојановски.

Во Свети Николе, како што посочи, пожарот е локализиран, но останува дел од Кадрифаково заради низинскиот дел и ветерот што го разнесува во сите правци.

– Сето тоа што ќе се угаси повторно се разгорува. Одите 20 метра, гасите, позади вас се завртувате и повторно го гледате истото жариште, така што исклучително е тешко да се гаси на таков простор. Но, и таму има концентрирано над 80 луѓе кои во моментот гасат и дејствуваат. Оној на страната на Штип – Крив Дол и Добришани е завршен комплетно, рече Стојановски.

Потешки пожари има и во Прилеп, селото Дрен и Смолани. Топлица, како што информира ЦУК, се држи под контрола и очекувањата се дека до вечерва ќе се неутрализира комплетно.

– Но, овие два дела Дрен и Смолани се исклучително тешки затоа што се работи за навистина тешко и непристапно место и за неможност за движење и за жива сила и за материјално-технички средства и интервентно бараат поддршка од хеликоптер за да можат да продолжат со дејството на гасење, за да можат на некој начин ако ништо друго барем да го стават под контрола. Дали ќе успееме тоа, ќе знаеме во 18 часот и 30 минути по одржување на состанокот, рече Стојановски.

Во Радовиш, појасни, изгасен е еден претходно, нов пожар има во селото Дамјан и се работи за исклучително тешко подрачје каде навистина е тешко да се дејствува.

– И тука имаме уште едно барање за помош и поддршка од хеликоптер. Ќе видиме повторно во 18 часот и 30 минути на седницата како да постапиме – дали ќе имаме можности и услови да повлечеме некои да им дадеме да пристапи во помош и поддршка и гасење.

За пожарот во Сарај, Стојановски информира дека тој е целосно изгаснат, но оти се јавува ново жариште кај ласкарци.

– Се гледа од патот Скопје – Тетово, но не дозволува гаснење заради тоа што просторот е непристапен, тежок за качување нагоре и ризичен затоа што ветрот се врти – еднаш е од северозапад, другпат е од југозапад и е многу тешко да пуштите жива сила на таков ветер, на таков простор, на таква карпеста структура да се качи и да гаси, а притоа не размислувајќи дека можете да направите дополнителна штета, рече Стојановски.

Потенцира дека се уште е активен пожарот кај Гостивар во Пожаране, но успеваат некако да го контролираат и изрази надеж дека до вечер ќе го стават под контрола.

Изгаснати се пожарите во кумановско Бељаковце, Валандово, Погана, Ранковце.

– Во текот на дента со брза интервенција од страна на ППЕ Старо Нагоричане се дејствуваше за чудо повторно на Кокино. Понекогаш човек не може да си верува што тоа треба да догори на Кокино уште што не е изгорено и не е запалено од претходниот пожар од 2 август.

Во разговор со командирот на ППЕ Старо Нагоричане за среќа набрзина е интервенирано, за среќа спасени се тие куќи што не беа зафатени со претходниот пожар. Се работи за седум, осум куќи меѓу нив и викендици.

Причината која ми ја кажа се работи за варничење, допирање на жиците, искрење и палење на сувата трева на просторот на Кокино, што значи дека дел од пожарите и проблемите по исказ на оние што се стручни и што гасат се работи и за варничење од самите жици односно од преносот на електрична енергија.

Но, тоа не е официјална констатација, тоа не е службена констатација. Сепак, службите ќе си излезат на увид, ќе си направат увид и најверојатно со текот на времето ќе имаме јасни показатели од каде се тие пожари, додаде Стојановски.

Помошник-раководителот на секторот за операции и координација при Центарот за управување со кризи, Марија Милкова рече дека со прогласувањето на кризната состојба на територијата на државата произлегле и низа активности кои субјектите од системот за управување со кризи треба да ги земат и како обврски да ги реализираат во текот додека трае кризната состојба.

– Значи, дадени се задолженија на единиците на локалната самоуправа да стапат во контакт со јавните комунални претпријатија и останатите субјекти кои ги имаат на локално ниво да ги приберат сите потребни ресурси, материјално, технички и човечки ресурси кои може да ги стават на располагање во справувањето со пожарникарите на територијата која ја покривна нивната општина.

Исто така, одредени активности се дадени кон МВР, Армијата, МЖСПП и останатите субјекти од системот за управување со кризи кои имаат свои надлежности во тој дел, во справувањето со пожарите, рече Милкова.

Посочи дека постојано заседава Главниот штаб во ЦУК, 24 часа се достапни, прибираат податоци и информации од терен и на лице место таму на највисоко ниво координацијата се врши во Главниот штаб.

Ги прибираме, нагласи таа, сите податоци и за текот на утрешниот ден договараме кои се најкритични места на кои треба да се распределат одредени ресурси за да се справиме со пожарите во тој дел каде што е најкритично во моментов.

– Во ЦУК и во другите министерства, субјекти од системот за управување со кризи постои една алатка, НАТО алатка која се вика НИКС, таа во моментов е покрената, во реално време се гледаат сите ресурси и субјекти кои ги имаат на локално ниво.

Овде пред Главниот штаб се јасно презентирани, се гледа на кое место дејствува Армијата, каде е полицијата, каде дејствуваат противпожарните бригади и останатото. Значи, координацијата Главниот штаб ќе ја има сега во 18 часот.

Предвидено е да се соберат сите мерки и активности кои досега во денешниот ден се реализирани, каде се делумно пожарите локализирани, каде е најкритично и во текот на утрешниот ден во раните утрински часови да се распределат силите на противпожарната бригада, авионите, странската помош која ја спомнав во утринскиот брифинг, значи ја имаме донирано од повеќе странски држави со цел на најбрз и најефикасен можен начин да се справиме со пожарите кои за жал беснеат на сите страни на територијата на државата, додаде Милкова.

Одговарајќи на новинарски прашања Милкова рече дека во употреба се два армиски хеликоптери и четири српски хеликоптери.

– Три српски хеликоптери дејствуваат со еден наш хеликоптери, а едниот одмора, така е договорено, меѓутоа во попладневните часови на дејствување се вклучува. Таков е распоредот кој го прави Армијата според нивните стандардни оперативни процедури.

Ние тука не навлегуваме, тие тоа го брифираат на седницата на Главниот штаб. Се кажуваа во текот на денешниот ден, во текот на утрешниот ден каде на кои места ќе ги распределат. Има голем број припадници на Армијата. Во делчевско-пехчевскиот регион се околу 130 војници во моментов распределени. Исто така има припадници на полицијата, истакна Милкова.

Таа посочи дека како што пред малку ги информирале колеги кои се на терен, состојбата во делчевскиот регион е благо веќе нормализирана, меѓутоа се уште не е ставена целосно под контрола, додека во пехчевскиот регион состојбата е поризична.

– Веќе е дојдено до селата Умлена, Црник, Мачево, Будинарци, меѓутоа не претставува опасност по куќите и по животот на населението и стоката која ја чуваат. Под контрола се држи, меѓутоа во тој дел од пехчевската страна се уште состојбата не е задоволителна.

Со оглед дека покрај човечкиот фактор неутврдено е дека пожарите се предизвикани од искричење на столбовите кои ги имаат АД Мепсо и ЕВН Македонија. Од вчера нивните екипи се на терен, работат за да видат дали од таму е произлезено нешто и наредните денови ќе имаме информации, потврда дали навистина пожарите се предизвикани од искричењето на тие електрични столбови, додаде Милкова.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Некои пожари се предизвикани од искрење на жици на бандери или далекуводи

МИА/Фото: МО

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Месецов затвореник избегал и од затворот во Шутка

Редакција

Мартин Протуѓер позитивен на Ковид-19, рочиштето за „Титаник” одложено

Редакција

Русија е при крај со инсулин и други важни медицински материјали произведени во странство

Редакција