Премиерот Зоран Заев во одговор на новинарско прашање за се позачестената употреба од страна на политичарите на кратенката за името на државата „Република С.Македонија“, вели да се користи уставното име – Република Северна Македонија.
– Делумно ова прашање е преокупација на сите нас во секојдневните работи во коишто работиме. И прво, нашата држава се вика Република Северна Македонија, не е Република С. Македонија и тоа е прво понижување кон државата и Уставот на државата.
Секако и Преспанскиот договор што прерасна со Закон со ратификација во Собранието, но кај нас тоа е преточено во Устав. Да не го почитувате Уставот на државата и името на својата земја – јас можам да разберам дека некој не се согласува со ваквиот процес и слично, но сите се согласуваме со демократијата.
И демократијата вели тоа е новиот Устав што е изгласан со двотретинско мнозинство заради идните перспективи на децата, на младите, на нашите интеграции во НАТО и ЕУ и државата кон уставното име на државата, кажува за секој поединец каков е всушност, рече Заев одговарајќи на новинарски прашања.
Граѓаните, вели Заев, знаат дека сите треба пред се принципиелно уставно и законски да се однесуваме и останува на сите поединци, пред се на политички субјекти што се лош пример за ова, да го променат тоа во иднина затоа што тоа е нашата реалност, тоа е нешто што беше бреме, што надвисуваше 27-28 години над нашата земја, ги колеше пред се идните перспективи на сите наши граѓани, пред се на младите, на идните генерации, но исто така ги кочеше и нашите интеграции во НАТО и во ЕУ.
– Уште еднаш користејќи го ова прашање апелирам на почитување на Уставот и законите во државата, а секако тоа е обврска на политичките субјекти за пример тоа да го следат за да може понатаму и граѓаните исто така да прават следење на тоа што значи Устав и законите во државата, заклучи премиерот.
МИА/Фото: Влада