Министерството за здравство информира дека за време на четвртиот ковид бран, во период од јули до крајот на август, епидемиолошките анализи покажуваат дека најголема смртност кај пациенти со Ковид-19 имало во градовите каде имало најнизок процент на вакцинирано население.
-Во градовите како Гевгелија, Кавадарци, Ресен и Берово кадешто опфатот со вакцинација е помеѓу 54-61%, бројот на починати е најмал, односно има по еден починат.
Тетово, го пречека бранот само со 19% вакцинирани граѓани во јули, таму имаше најголем притисок врз болниците, најголем број хоспитализирани пациенти и најголем број смртни случаи, 106 до крај на август.
Последните недели драстично е зголемен интересот за вакцинација во Тетово и изнесува скоро 37%.
Слична е состојбата и во Гостивар каде исто така имаше мал опфат на вакцинирано население. Во овој град опфатот на вакцинирани полнолетни граѓани до крај на август е под 30%, а бројот на починати со Ковид-19 е 73.
Време е да ги отфрлиме сите заблуди во врска со вакцините и да се придвижиме кон фактите и кон реалните докази кои всушност ни покажуваат колку тие се значајни и ефикасни.
Целта е да го победиме вирусот, а тоа ќе го направиме само со масовна имунизација на целокупното население. Само на овој начин можеме да живееме повторно слободно, без ограничувања и без рестрикции, велат од Министерството.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Анализа на Проф. Трајковски покажува колку вакцинацијата има влијание за смртноста од Ковид-19
Фото: МЗ