Претседателот Стево Пендаровски со орден „8 Септември“ денеска ги одликува Стојан Андов, прв претседател на првото повеќепартиско Собрание, како и пратениците во Собранието на Република Македонија во мандатниот период од 1990 до 1994 година.
Во своето обраќање Пендаровски порача дека политичките елити во земјата треба одново да постигнат единство околу најважните прашања за иднината на Република Северна Македонија.
-Денес кога прославуваме триесет години од независноста, имаме повод и најдлабока причина да изразиме благодарност на генерацијата која ги постави фундаментите на македонската државност.
Во изминативе децении беа одликувани првиот претседател на Републиката, Киро Глигоров и првиот претседател на Владата, Никола Кљусев. Денес, со Орден „8 Септември“ искажуваме почит кон пратениците во Собранието на Република Македонија во мандатниот период од 1990 до 1994 година, и на првиот претседател на тоа собрание, господинот Стојан Андов, истакна претседалот Пендаровски.
На овој триесет годишен јубилеј на нашиот трет Илинден, тој се осврнам на три важни аспекти кои, според него, говорат за историската улога на пратениците и претседателот Андов во изградбата на самостојна и независна македонска држава.
-Повеќепартиските парламентарни избори во 1990-та беа нашето прво демократско искуство. Во тој прв парламентарен состав, 11-те парламентарни партии и тројцата независни пратеници понудија различни визии, мислења и ставови за иднината на државата, со интензитет дотогаш невиден кај нас.
Вториот аспект е внатрешниот контекст и надворешното опкружување со кои се соочија тогашните пратеници. Во тоа бурно време на крвав расплет на југословенската криза, како држава се соочивме со сериозни безбедносни закани и со политички притисоци и блокади за меѓународното етаблирање на новата држава. А сето тоа, пропратено со длабока економска криза, висока инфлација и невработеност, рече шефот на државата.
Трето и најважно, според него, е што токму во тие турбулентни времиња, политичкото раководство, вклучувајќи ги и пратениците и претседателот на Собранието се сплотија околу клучните прашања.
-Наспроти сите политички и идеолошки разлики меѓу себе, тие успеаа да се обединат околу државните интереси: независноста на државата, демократскиот политички систем, еквидистанцата кон сите соседи и евроатлантската ориентација во нашата надворешна политика, рече Пендаровски.
Имајќи ја предвид пандемијата со Ковид-19, претседателот Пендаровски орденот „8 Септември“ му го врачи во неговиот дом.
Во видеото Андов нагласува дека граѓаните сакале своја држава и дека тие во Собранието ги застапувале нивните барања и потреби. На настанот се обрати и Никола Стојановски, пратеник од првиот состав на Собранието 1990-1994 година.
МИА/Фото: Кабинет на претседателот