еМагазин
Image default
Бизнис

Изградбата на пругата кон Бугарија ќе продолжи во првиот квартал следната година, најави Бочварски од Софија

Министерот за транспорт и врски, Благоја Бочварски очекува постапката за избор на изведувач на првите две фази од пругата со Бугарија да заврши до крај на годинава, а градбата да стартува во првиот кравтал следната година.

-Северна Македонија е силно посветена на евроинтеграцискиот процес и на интегрирање на транспортните системи со земјите од регионот и со транспортниот систем на Европската Унија, истакна Бочварски, кој денеска престојува во работна посета на Софија, каде заедно со министрите за транспорт на Република Бугарија, Христо Алексиев, и Република Албанија, Белинда Балуку, го потпишаа трилатералниот Меморандум за соработка со кој се истакнува заедничката заложба на трите земји за изградба и координиран развој на Коридорот 8.

Документот одредува јасни датуми за развој на трите земји и нивните активности на Коридорот 8, а очекувањата се да биде готов до 2030 година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Коридорот 8 да биде готов до 2030 година, предвидува Меморандумот кој го потпишаа Македонија, Албанија и Бугарија

Бочварски порача дека железничкото поврзување кон исток со Бугарија и кон запад со Албанија е од клучно значење за развој на севкупниот железнички систем во Северна Македонија.

Изградбата на нови пруги, истакна, треба да овозможи забрзан економски раст на целиот регион долж паневропскиот Коридор 8.

-Како земја аспирант за членка во ЕУ сме силно посветена на регионалниот развој преку изградба и моденизација на патната и железничката инфраструктура. Политиките што ги спроведуваме како Влада се насочени токму кон комплетирање на Коридорот 8.

Поради тоа, денеска овде во Софија заедно со моите колеги министри од Република Бугарија и Република Албанија го потпишавме Меморандумот за соработка со кој се залагаме за развој на одржлива патна и железничка инфраструктура на Коридорот 8.

На овој начин ја потврдивме заедничката волја и подготвеноста на сите нас за долгорочно планирање и координиран развој на Коридорот 8, со фокус на инвестициските проекти со најголема вредност за регионот, рече Бочварски.

Според Бочварски, Северна Македонија вложува силни напори во изградба и финализирање на транспортната инфраструктура на Оската Исток-Запад. Инвестициите што ги планираме за изградба и докомплетирање на железничкиот Коридор 8, посочи, надминуваат милијарда евра.

Изградбата на источниот крак на железничкиот Коридор 8 е поделена во три фази, Куманово-Бељаковце, Бељаковце-Крива Паланка и Крива Паланка – граница со Бугарија.

Минатата недела беше склучен договор со компанија што ќе врши надзор на изградбата на првата и втората фаза за кои е во тек постапка за избор на изведувач. Како што рече Бочварски, очекувањата се дека до крајот на годинава ќе завршат постапките за избор на изведувач за првите две фази.

-Почетокот на градбата на првата и втората фаза  се очекува во првиот квартал  на 2022 година и само тоа е инвестиција од околу 200 милиони евра, рече министерот за транспорт.

Постапката за избор на изведувач за двете фази од источниот дел на железничкиот Коридор 8 е во фаза на квалификација и кандидатите од кратката листа треба да ги достават понудите најдоцна до 15 ноември годинава година, по што следи фазата на евалуација и избор на економска најповолна понуда.

За третата делница, од Крива Паланка до границата со Бугарија, истакна Бочварски, се планира да се продолжат наскоро постапките и да почне изградба и на таа фаза со што ќе треба заеднички со Бугарија да се работи на решавање на тунелите на границата.

Само третата фаза од пругата изнесува над 400 милиони евра.

Министерот за транспорт истакна и дека се работи на целосна обнова на патната инфраструктура на Коридорот 8.

– На источниот крак од Куманово до границата со Бугарија вршиме целосна реконструкција и на постеочкиот пат, но и градиме експресен пат во една делница, така што инвестициите само во источниот крак кон Бугарија во овој момент изнесуваат над 90 милиони евра, посочи Бочварски.

На западниот дел од Коридорот 8 е подготвен проект за железничкиот дел од Кичево до границата со Албанија во должина од 70 километри и се разгледуваат можности да се најдат средства.

Меморандумот помеѓу трите држави дополнително треба да помогне за координација и спроведување на мерките за олеснување на транзитот на граничните премини и да обезбеди коридори со брз и непречен транспорт на стоки. Приоритет е и постигнување на одржлива мобилност и висока ефикасност и квалитет на транспортните услуги на долг рок.

МИА/Фото: МТИВ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Колкава плата зема премиерот Ковачевски и вицепремиерите

Редакција

Во ноември 89% од потрошената струја е од домашни извори

Редакција

Привремено се укинуваат царински стапки за млеко и павлака

Редакција