Независниот кандидат за градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски денеска одржа прес-конференција на која образложи дека возилото со кое се превезувал, а кое беше запрено од страна на полицијата и однесено на технички преглед, ја има потребната техничка документација и е управувано со полномошно.
Возилото, како што посочи, е сопственост на лизинг компанија и се користи со договор. Има А-тест и затемнети стакла.
Димитриевски ги повтори обвинувањата дека бил следен од возило со полициски таблички, а потоа бил запрен од полициски службеници и однесен со ротации на технички преглед во Куманово.
– Во сообраќајната дозвола јасно се гледа, возилото поминало на А-тест и може да има таков тип на фолија. Моето возило не е службено, тоа е на лизинг компанија со која имаме договор за користење и го користиме со полномошно.
Суштината не е за стаклата, тоа не е прекршок со којшто помпезно градоначалникот се затвора во колата без никакво образложение како најголем криминалец, се шета низ град со ротации и се води на технички преглед. Тоа се решава за пет минути.
Не добив никакво образложение од полициските службеници кои немаа одговор, бидејќи цело време комуницираа на телефон и по други средства за комуникација, препоставувам со нивни претпоставени. Тие нека дадат објаснување, рече Димитриевски.
Информираше дека возилото е испратено на вештачење, а за полициските службеници рече дека биле крајно непрофесионални.
– Побарав да се идентификуваат, но моето барање неколку пати го одобрија. Ги дадоа своите значки, додека третото лице рече дека нема значка и е полициски приправник. Ми го кажа своето име и презиме. По моето барање откако заврши техничката и рутинската контрола на возилото, беа востановени неточни податоци, посочи Димитриевски.
Случајот нема да го пријавува во МВР, бидејќи, како што вели, нема доверба во институцијата.
Повтори дека ова е обид за заплашување врз него и верува дека на 31 октомври кога ќе се одржи вториот круг од изборите, ќе ја добие поддршката од граѓаните.
– Очекуваме уште поголем притисок на 31 октомври, но ќе победиме, бидејќи поддршката од граѓаните е очигледна, рече Димитриевски.
Во врска со денешниот настан, Министерството за внатрешни работи соопшти дека целосно ќе ги истражи случајот.
– Во врска со денешниот случај во Куманово, кога е сопрено возило „Рено“, управувано од Д.Д., ве известуваме дека Министерството за внатрешни веднаш го вклучи Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди за целосно расчистување на случајот.
МВР нема да дозволи каков било притисок, незаконско постапување или злоупотреба на положбата, наведе МВР во соопштението.
МИА/Фото: Фејсбук/Димитриевски