еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

ТАВ ги бележи првите знаци на закрепнување на авиосообраќајот: 1,3 милиони патници опслужени за 11 месеци на скопскиот и на охридскиот аеродром

Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид опслужиja 1,3 милиони (1.256.263) патници за 11-те месеци од 2021 година, што е зголемување од 71% во однос на истиот период во 2020 година, што укажува на први знаци на закрепнување на патничкиот сообраќај, по негативното влијание на Ковид-19 врз воздухопловниот сектор, информираат од ТАВ Македонија.

Истовремено, во периодот јануари – ноември 2021 година, на двата македонски аеродрома се опслужени 13.679 летови, што е 63 отсто повеќе во споредба со 2020 година.

„Оваа година ги бележиме првите солидни знаци на закрепнување на патничкиот сообраќај на скопскиот и охридскиот аеродром, по негативното влијание предизвикано од Ковид-19 врз воздухопловниот сектор уште од почетокот на пандемијата во 2020 година.

Позитивниот патувачки тренд, креиран од жедта на луѓето за авионски патувања и нивниот ентузијазам да се вратат на нормалните патувања што ги имаа пред Ковид-19, особено се почувствува во летните месеци од 2021 година кога привремено беа укинати ограничувањата за патување во ЕУ за носителите на македонски пасоши, а потоа се олеснија со сертификатите за вакцинација како услов за туристички патувања за повеќето земји.

Сепак, пред нас има многу предизвици, бидејќи авиосообраќајот и натаму многу ќе зависи од рестрикциите за патување со авион наложени од различни држави, додека аеродромите, патниците и авиокомпаниите ќе се обидуваат да се приспособуваат на честите измени на правилата врз основа на различните национални здравствени политики“, изјави Метин Батак, генерален директор на ТАВ Македонија.

Иако моменталниот тренд е во пораст и двата македонски аеродрома бележат зголемување во однос на бројот на патници од 71% споредено со 2020 година, нивото на патнички сообраќај сѐ уште е – 49%, додека нивото на бројот на летови е – 32%, споредено со бројките постигнати во истиот период во 2019 година, којашто се смета за референтна година во воздухопловството.

Батак нагласува дека закрепнувањето на македонскиот воздухопловен пазар треба да се движи во рамки на прогнозите на Меѓународниот совет на аеродроми (ACI) за движењето на авиосообраќајот на светско ниво, чиешто оптимистичко сценарио проектира дека 2021 година ќе се заврши со – 56% од сообраќајот во 2019 година, додека во 2022 година авиосообраќајот на светско ниво ќе биде на ниво од – 23% од 2019.

„Како брзорастечки и пазар во развој, каков што беа македонските аеродроми пред кризата, може да се вратиме блиску до старите нивоа малку побрзо од развиените воздухопловни пазари на ЕУ, бидејќи нашиот сообраќај е главно нискобуџетен, додека авиосообраќајот на развиените пазари на ЕУ го засноваат врз традиционални авиопревозници.

Меѓутоа, фактот дека повеќе од 70% од нашиот вкупен авиосообраќај е сконцентриран на европските пазари и нивните правила за авионски патувања за македонските граѓани се менуваат многу често, ние секогаш сме во состојба на подготвеност, за да можеме брзо да реагираме и да се приспособиме.

Брзината, односно динамиката на закрепнувањето на авиосообраќајот ќе биде подложна на сите нови бранови на пандемијата, особено што сега аеродромите се подготвуваат за влијанието од Омикрон варијантата“, објаснува Батак.

Статистиките за авиосообраќај на ТАВ Македонија за 11-те месеци од 2021 година покажуваат дека најчести дестинации од Меѓународниот Аеродром Скопје се Истанбул (12%), Цирих (7,7%), Базел (7,3%) и Виена (7%), додека од охридскиот аеродром Св. Апостол Павле тоа се: Цирих (33,2%), Базел (21,7%), Меминген (18,2%), Виена (9,8%) и Дортмунд (9,8%).

Согласно моменталниот, зимски ред на летање, од скопскиот аеродром 13 авиокомпании летаат до 36 дестинации, додека од охридскиот аеродром 2 авиокомпании летаат до 7 дестинации.

Од почетокот на пандемијата со Ковид-19, авиокомпаниите често прават измени во нивниот ред на летање, а и државите исто така често ги менуваат правилата за патување со авион.

Затоа, ТАВ Македонија постојано апелира до патниците да ги проверат најновите информации во однос на нивниот лет и условите за патување, со авиокомпанија со која ќе патуваат и со амбасадата на државата кадешто ќе патуваат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Османи: Доколку Владата одлучи да го одобри пакетот, може веднаш да се потпише протоколот со Бугарија

Редакција

(Галерија) Пејачката Александра Јанева направи свадба

Редакција

(ВИДЕО) Грчкиот и македонскиот воен оркестар ја свиреа македонската химна

Редакција