На 28 декември видовме забележителен импулс во зголемувањето на бројот на новодијагностицирани, вели проф. Дејан Трајковски во неговата најнова анализа за ковид-состојбата.
„Од пристигнувањето на печалбарите минатиот четврток до вчера помина точно еден сериски интервал и веќе можеме да ги поврзиме причината и последицата.
Изгледа прилично рано за почеток на бранот на омикрон сојот, најверојатно ова е само зголемување на преносливоста поради зголемениот број на контакти.
Сепак, зголемената преносливост важи и за омикрон сојот, па и неговото ширење од денеска ќе биде засилено.
Репродукцискиот број Rt сé уште нема драматичен раст (омикрон сé уште не преовладува), но во наредните денови и недели ќе видиме голем пораст и кај Rt.
Забележуваме голем пораст на броевите во неколку градови – Струга, Македонски Брод, потоа постепен пораст во Битола, Прилеп, Кавадарци, Гевгелија, Куманово и сосема постепен раст во Скопје.
Во другите места дневните броеви воглавно стагнираат, но со текот на времето растот секако ќе започне насекаде.
Сите подвижни средини на броевите на нови случаи постепено завртуваат нагоре, па дури и реално пресметаниот број на активни случаи (жолтата линија на дијаграмот на четвртата слика).
Единствено стапката на позитивни случаи засега се намалува (на дијаграмот на петтата слика), што е необично, но во секој случај и таа наскоро ќе започне да се зголемува.
Овој пат, веројатно охрабрени со прогнозите за мал број на хоспитализирани, уште порешително остануваат на својот став за немешање во своите работи и препуштање на епидемјата на својот стихиен тек.
Испуштаат од вид дека не се само хоспитализираните проблем – проблем ќе станат и големиот број болни луѓе, изолациите, отворените боледувања и исклучувањето од работниот процес.
Примерот со пилотите во САД би требало да им биде опомена. Доколку многу луѓе се разболат истовремено, цели компании можат да престанат со работа, со несогледливи економски последици.
Да замислиме едно вакво сценарио. Доколку, на пример, во РЕК Битола истовремено се разболи екипажот на блок-командата, тоа практично води кон гаснење на еден или два блока од електраната, затоа што се работи за специјално обучени луѓе, кои не можат да се заменат преку ноќ.
Дали имаат решение за такво сценарио? Дали луѓето ќе ги стават во карантин (да живеат и спијат на работа, изолирани од околината) или ќе ги тераат да одат болни на работа? Каков квалитет ќе има работата со болни луѓе, кои трпат болки во мускулите од целото тело? Каква ментална концентрација ќе одржуваат при работата?
Постојат многу вакви критични работни места во државата и навистина е неодговорно да се препушти целата епидемија на стихијно ширење, без разлика што болниците нема да бидат полни.
Ако намалувањето на леталитетот оди како во другите земји каде омикрон сојот станал доминантен, тоа би можело да значи спас од смртност и кај нас, но да почекаме 2-3 недели да видиме како ќе се одвиваат работите. Засега леталитетот е многу висок, веќе неколку недели останува на околу 4%.
Во ниту едно сценарио неконтролираното ширење на епидемијата не дава подобри резултати од контролираното, забавено ширење. На ниво на поединци, тоа што можат да го направат самите граѓани е – да примат трета (бустер) доза од вакцините, бидејќи само таа дава каква-таква заштита. Од две дози практично повеќе нема заштита, освен можеби против смртен исход,“ вели Трајковски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Проф. Трајковски прогнозира не повеќе од 50 илјади нови случаи на Ковид-19 до пролет
Фото: Фејсбук/Трајковски