еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Проф. Трајковски прогнозира не повеќе од 50 илјади нови случаи на Ковид-19 до пролет

Ви ја пренесуваме новата анализа на професорот Дејан Трајковски, кој на Фејсбук редовно ја анализира состојбата со Ковид-19 во Македонија.

“22.12.2021. Намалувањето на дневните броеви на државно ниво – барем на прв поглед – засега продолжува.

Седумдневната подвижна средина (зелената линија на првиот дијаграм) сé уште се спушта надолу, иако сé помалку убедливо.

Репродукцискиот број Rt, зависно од временската рамка (7, 14 или 20 дневна) изнесува околу 0,96. Тоа е многу блиску до единица и ова намалување како да виси на конец – мала пореметување на рамнотежата по влегувањето на омикрон сојот – и бројките можат одново да започнат да растат.

Всушност, ако ги погледнеме епидемиолошките криви на неколку големи градови, тие повеќе не се спуштаат. Најважно е Скопје, нашиот епидемиски тренд-сетер, каде дневните броеви приближно стагнираат веќе извесно време.

Слична е состојбата и во Прилеп, Охрид, Струмица, Гевгелија, Штип и Ресен. Можно е сепак во некој од овие градови да започнало тивкото ширење на омикрон сојот. Можеби ќе дознаеме по една недела, бидејќи денеска во земјава од Светската здравствена организација пристигнале реагенси за тестирање и секвенционирање на ковид-19 вируси.

Смирувачки вести пристигнуваат од Јужноафриканската Република (ЈАР), каде ефективниот репродукциски број Rt опаднал под единица, односно дневните броеви на нови случаи од зголемување преминале во намалување (зелената линија на вториот дијаграм).

Иако на јужната земјина хемисфера веќе започна летото и преносливоста започнува сезонски да се намалува, сепак раното настапување на врвот на омикрон-бранот ни кажува една многу важна информација: високата прележаност (во провинцијата Гаутенг, со големите градови Јоханесбург и Преторија, таа изнесува 72%), сепак не го враќа бројчаникот на епидемијата на почеток.

Прележаноста, дури и подобро од досегашните вакцини, дава прилично добра заштита од реинфекции. Доколку не беше така, врвот не би настапил толку рано, при релативно невисоки броеви на нови случаи.

Што е најважно, дневните броеви на хоспитализирани и починати практично не се зголемиле. Стапката на леталитет (Case Fatality Rate – CFR) изнесува занемарливи 0,24%, дури и при тамошниот мал број на тестирања.

Се разбира, ова не значи дека истото ќе се повтори и на северната земјина полутопка, особено во земјите со релативно ниска прележаност. Ќе ја следиме ситуацијата во Велика Британија и Данска, но и таму засега леталитетот е на ниво на ЈАР иако е прерано за заклучоци, бидејќи бранот е сé уште на почеток.

Во Македонија прележаноста е на ниво од околу 2/3 во однос на прележаноста во ЈАР, а со вакцинираноста стоиме подобро од нив. Иако неминовно ќе видиме висок бран на нови случаи, можно е прележаноста да си го стори своето (слично како во ЈАР), па јануарско-февруарскиот бран сепак да не донесе премногу хоспитализации и смртни случаи.

Ако досега сме имале само околу илјада случаи на реинфекција (0,4% од досегашните лабораториски потврдени случаи), а во случајот на омикрон сојот реинфекциите се движат до 7%, тоа сепак нема да значи претерано високи бројки, односно околу 15.000-20.000 нови случаи во рок од 2 месеци, колку што би траела главнината од бранот.

На овие броеви треба да се додадат и очекуваните дваесетина илјади нови случаи од делта сојот, коишто веројатно ќе бидат заменети со случаи од омикрон сојот. Значи, не повеќе од 50.000 нови случаи до пролетта.

Ладното време и собирањето во затворени простории секако ќе ги направи работите полоши отколку во ЈАР, но споменатата стапка на реинфекции (па макар била и двојно повисока) сепак влева одредена сигурност. Изгледа дека ќе имаме повеќе среќа отколку памет, гледајќи дека нашите здравствени власти воопшто немаат намера да се спротивстават на претстојниот бран на омикрон сојот“, пишува тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Проф. Трајковски: Омикрон-обрачот веќе се стеснува околу Македонија, ќе пристигнат и печалбарите и повеќе ништо не може да се стори

Проф. Трајковски: Kон крајот на јануари и почетокот на февруари кај нас ќе видиме огромни броеви на новозаразени со омикрон сојот

Проф. Трајковски за Омикрон сојот: Вакцинирање со трета доза на постарите, а особено на тие вакцинирани со кинеските вакцини

Фото: Фејсбук/Трајковски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Бензините поевтинуваат, дизелот поскапува

Редакција

(Фото) Со чаша филтрирана вода, Дарко Рундек наздрави за 25 години Екотип и за одржлива иднина за сите

Редакција

Која банка во Македонија наплаќа највисоки надоместоци

Редакција