Со Рамковниот договор, Уставот се отвори за сите етнички заедници, но тука не беа вклучени Бугарите, ниту Црногорците и Хрватите. Отворање на Уставот е во склоп на политиката на оваа држава кон етничките заедници. И сè додека е тоа барање на граѓани кои се од бугарска етничка заедница тоа не мора да се смета како барање на бугарската држава. Нема никаков спор кон барањето на Црногорците и Хрватите, зошто би имало спор за ова барање да се признае бугарско малцинство различно од македонското мнозинството? И ако тоа не го разбереме се враќаме во други теми кои едвај ги надминавме“, одговори министерот за надворешни работи Бујар Османи, на новинарско прашање, на денешниот брифинг, за средбите со бугарските делегации.
Тој нагласи дека позициите на двете држави се уште се различни, но, како што рече, затоа се овие разговори за да се изнајдат заеднички решенија.
„Нашите државни позиции се јасни и нема измени во државните позиции. Најважното прашање за нас се идентитетските прашања во преговарачката рамка како европски решенија, за нив е прашањето на бугарската зедница во Република Северна Македонија и тоа го идентификува на некој начин патот по кој треба да се движи овој процес.
Пакетот политички прашања ги опфаќа прашањата што се важни за нас, две се важни барања за нас, а тоа е прифаќање на преговарачката рамка, како што е предложено од страна на Европската комисија, посебно во однос на идентитетските атрибути и почетокот на преговори.
Од страна на Бугарија се прашањата по однос на правото на самоопределување врз основа на државното уредување, говор на омраза и рехабилитација на жртви на комунизмот. Тоа се пакет прашања во кои се вклучени елементи од едната или другата страна,“ додаде Османи.
Во врска со провокациите што се случуваат од двете страни, Османи е дециден дека наша цел не е ексалација на односите со Бугарија, туку деескалација на односите, затоа што нам ни е спречен развојот преку блокадата на ЕУ.
Нема да дозволам, истакна министерот Османи, да правам политиканство од дневна и партиска политика, на теми што се суштински за граѓаните, па како и тоа да значи во однос на перцепцијата на секојдневната работа, доколку крајната цел ги оправда очекувањата на нашите граѓани.
„Имам крајна цел, а таа крајна цел е оваа држава да стане еворпска држава, да ги нормализира односите со соседите, зачуваќи тоа што е најважно за граѓаните. За тоа ми треба повеќе мудрост во делувањето отколку емоции.
Оваа работа или ќе водите со глава или со срце. Со срце може ќе ви донесе некоја попоуларност во моментот, ќе задоволува некои наши фрустрации и емоции и незадоволства, но на крајот нема да не води таму кај што сакаме.
Затоа мора оваа работа да биде со ладна глава и жешко срце, само така ќе може да го надминеме. Но, граѓаните може да бидат спокојни дека нема да дозволиме ништо што е суштински идентитетски за нив да се повреди,“ истакна Османи.
Уште еднаш повтори дека ние се водиме од принципот ништо не е договорено, додека се не е договорено, и затоа, подвлече Османи, за нас е важно да има пакет на заемно поврзани елементи како почеток на процесот на имплементација на договорените точки.
Минатата недела министерот Османи имал средба и со претседателот на Бугарската партија во Северна Македонија, кој се изјаснил по однос на барањето бугарската зедница да биде вклучена во Уставот. Тоа е прашање, рече Османи, што е дел од разговорите и преговорите, но не е решено.
Според шефот на дипломатијата, бугарската заедница треба да се обрати во институциите во Скопје и самите да кажат дали имаат потешкотии и дали бараат одредени начини како да се интегрираат во системот, а тоа, рече, не треба да не плаши, напротив, нема терен на кој сме посилни освен во мултикултурализмот.
Тој им препорача на новинарите да ја земат заедничката Декларација од 1999 година, како правно обврзувачки документ, потоа Договорот за добрососедство од 2017 година и измените во Уставот од 2019 година, затоа што, како што рече, многу е важно да знаеме од која позиција почнуваме.
Во новата динамика во разговорите со Бугарија на 17 февруари се очекува да се одржи состанок на четвртата работна група, за образовани и култура, како и на третата работна група за европски интеграции, зелена агенда и дигитализација.
По 20 февруари ќе се одржи и втората средба на експертите од министерствата за надворешни работи на двете земји во Скопје, на која двете делегации ќе дојдат со нови политички инструкции врз основа на разговорите што се водени на првиот состанок на 11 февруари во Софија, на кој детално биле елаборирани позициите на двете страни.
Реципрочниот договор за емитување на бугарска телевизија на нашите кабелски оператори и МРТВ на бугарските кабелски оператори, како прашање ќе се разговара и на состанокот на четвртата работна група за образование и култура.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Петков не му одговори на новинар на Би-би-си за Македонците во Бугарија
МИА/Фото: Влада