еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Учениците се враќаат на училиште најверојатно од среда: СОНК и Владата се договорија за зголемување на платите од 12%

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) и Владата постигнаа договор за зголемување на платите на вработените во училиштата и градинките за 12 отсто.

Конечниот збор за прекин на штрајкот, СОНК ќе го каже утревечер по консултациите со членството и доколку биде позитивен, учениците би требало да се вратат на настава од среда.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков по тричасовни разговори во Владата изјави дека успеале да ги усогласат ставовите во рамки на можностите на државата за зголемување на платите во дејностите детска заштита и образование што би почнало од месец јули со завршување на ребалансот на Буџетот и со обезбедување на потребните средства.

Зголемувањето ќе изнесува 12 проценти на сегашните плати со додатоци предвидени со Колективниот договор. Се разговарало и за изработување колективни договори во дејноста детска заштита, основно и средно образование и решавање на некои отворени прашања како што се патните трошоци и регресот за годишен одмор.

Неделков оцени дека ова е максимумот што во моментов можел да се издејствува.

Во текот на утрешниот ден ќе бидат направени консултации со членството и регионалните одбори, кои ќе бидат детално информирани и се надева дека во интерес на учениците, родителите и вработените, како и на државата, штрајкот ќе заврши на општо добро и задоволство на сите.

Конечната одлука СОНК ќе ја соопшти утре вечер и ако биде позитивна учениците би се вратиле на настава во среда. Неделков кажа дека во моментов не може да го прогласи штрајкот за прекинат, додавајќи оти жали што траел толку долго и порано не било најдено решение.

Им се извини на сите засегнати во овој процес, особено на учениците и родителите, кои претрпеа загуба со неодење во училиште, но најави дека наставниците по завршување на штрајкот ќе се заложат максимално да се надомести материјалот предвиден до крајот на учебната година.

Дополнително ќе се разговара со Министерството за образование и наука дали ќе има потреба од продолжување на учебната година или со соодветни скратени програми ќе се надомести загубеното.

Неделков и се заблагодари на Сузан Флокен од Европската конфедерација за синдикати за образование која, како што рече, придонела да се избалансираат ставовите од двете страни.

Министрите за образование и за труд и социјална политика, Јетон Шаќири и Јованка Тренчевска, изјавија дека очекуваат од среда училиштата и градинките да почнат да функционираат нормално.

Тренчевска рече дека со зголемувањето на платите нема ризик од дополнителна инфлација и загрозување буџетот и најави дека потребните средства ќе бидат обезбедени со ребалансот на државаната каса.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Продлжува судењето за „организаторите на 27 април”

Редакција

Макпетрол со добивка во првите девет месеци

Редакција

Левица ќе поднесе Предлог – закон за укинување на апанажата

Редакција