еМагазин
Image default
Бизнис

ЕБОР и Стопанска банка ги поддржуваат малите бизниси во Македонија

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) одобри кредитна линија за Стопанска банка, од која корист ќе имаат малите и средни претпријатија (МСП) во Македонија, информираат од Стопанска Банка АД Скопје.

Претседателката на ЕБОР, Одил Рено-Басо и генералниот извршен директор и претседател на Управниот Одбор на Стопанска банка, Диомидис Николетопулос, денес, во Скопје, потпишаа договор за кредитна линија во износ од 4 милиони евра.

Кредитната линија за Стопанска банка ќе помогне на МСП во поддршка на инвестициите во технологии и услуги со високи перформанси со што ќе им овозможи да станат поконкурентни. Исто така, на малите компании ќе им овозможи да го поттикнат своето делување по Ковид-19 пандемијата.

Кредитната линија е дел од новата Програма на ЕБОР за поттикнување на МСП, која ги поддржува малите компании во опоравување од забавениот раст за време на пандемијата.

Со Програмата ќе биде поддржано и проширувањето на зелената економија во Северна Македонија преку промовирање на инвестиции за подобрување на енергетската ефикасност. Околу 70 проценти од финансирањето на програмата ќе биде алоцирано за инвестиции во заштеда на енергија и за зелени технологии, додека остатокот ќе биде наменет за поддршка на инвестиции во автоматизација, зголемена продуктивност, квалитет на производи и безбедност.

МСП ќе ја користат и грант-поддршката во вредност до 15 проценти од износот на кредитот. Грантовите се финансирани од Луксембург, Норвешка и Соединетите Американски Држави, а други донатори се очекува да се приклучат на поддршката.

Претседателката Рено-Басо изјави: „МСП се основа на локалните економии. Тие обезбедуваат работни места и можности за локалните заедници. Нивната поддршка е еден од главните приоритети на ЕБОР во економиите каде што инвестира. Ова е особено потребно по забавувањето на растот после Ковид-19 пандемијата како и со тековното нарушување на глобалната трговија. Се надеваме дека ова ново финансирање ќе им помогне на голем број компании да се опорават и да ги поттикнат сопствените бизниси, истовремено поддржувајќи ја зелената транзиција.”

„Стопанска банка АД – Скопје историски е препознатлива како финансиски партнер на главните инфраструктурни и индустриски проекти. Тоа што е помалку познато е дека Банката постојано обезбедува и поддршка на МСП за нивен раст и развој. Поради тоа ни претставува задоволство што денес го потпишуваме овој значаен Договор и правиме дополнителен чекор кон поддршка на клиентите МСП. Опоравувањето од кризата од пандемијата е бавно и тешко, но претставува можност за одново да се размисли и да се реструктуира бизнисот, да се направи поодржлив за во иднина, што е токму и намената на оваа Програма,“ изјави Николетопулос.

Стопанска банка е банка со најдолга традиција во Македонија. Основана во 1944 година, таа работи како универзална банка, а е рангирана како најголема банка во земјата според неколку критериуми, меѓу кои  и според портфолиото на нето-кредити. Банката е во доминантна сопственост на  Националната банка на Грција која поседува 94,6 проценти,  додека остатокот го поседуваат малцински акционери.

ЕБОР е главен институционален инвеститор во Македонија. До денес има инвестирано над 2,2 милијарди евра во 161 проекти во различни сектори во економијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Самит Македонија 2025: 90 лица од дијаспората им помагаат на македонските компании да го зголемат извозот

Силвана Жежова

Елена Ковачевска, сопругата на премиерот, меѓу основачите на фирма која ќе произведува струја

Редакција

(Галерија) Кои се најуспешните спа хотели во Македонија

Редакција