еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Ристевска – Јорданова за францускиот предлог: Прекинување на ветотото или бугаризација до недоглед?

Ви го пренесуваме ставот на Малинка Ристевска – Јорданова, член на Управниот одбор на Институтот за европска политика – Скопје, даден за агенцијата Мета.

Најчесто се воздржувам од коментари на непотврдени документи. Меѓутоа, во случајов се работи за објавени предлози на документи (од страна на 360 степени) кои се многу значајни за Македонија. Тоа се делови од предложените заклучоци на Советот за општи работи на ЕУ кои се однесуваат на Македонија, кои би требало да се најдат на масата на Советот за општи работи на 23 јуни и новиот предлог на преговарачката рамка поднесен од Француското претседателство.

Предложените заклучоци на Советот обезбедуваат две влезни точки за целосно спроведување на бугарските барања: 1. спроведувањето на билатералниот Договор за пријателство и соработка со Бугарија како еден од основните услови во преговорите и 2. внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав, напоредно со издвојување на правата на малцинствата како дел од Копенхагенските критериуми.

За билатералниот договор се предвидува и посебен протокол, кој очигледно сѐ уште е нејасен, зашто на некои места во текстовите стои во заграда.

Самиот текст на предложените заклучоци кажува дека „следна меѓувладина конференција за отворање на преговорите“ ќе се одржи откако Северна Македонија ќе ги внесе Бугарите во преамбулата на Уставот – обврска што веќе ја презела нашата Влада. Оттаму, секакво радување на тргнувањето на ветото и поентирање на „конечно отворање на преговорите“ се чини излишно. Отворањето на преговорите во нашиот случај очигледно ќе биде процес, кој ќе трае подолго.

Да потсетиме дека Првата меѓувладина конференција (која е предвидена за 23 јуни, доколку мине предлогот) е само претставување на Општата позиција на Советот, која се состои од Bоведна изјава и Преговарачка рамка.

Во овие текстови има неколку значајни измени во однос на претходниот предлог од крајот на германското претседателство. Тие, главно, се однесуваат на: спроведувањето на Договорот за пријателство и соработка со Бугарија (и Преспанскиот), на македонскиот јазик, на правата на „малцинствата или заедниците“, како и на начинот на следење.

Преговарачката рамка, покрај Копенхагенските критериуми и критериумите на процесот на стабилизација и асоцијација, го подигнува барањето за спроведување на Преспанскиот и Договорот за пријателство со Бугарија и протоколите за неговото спроведувње на ново рамниште, барајќи „видливи резултати“ и „спроведување во добра волја“.

Иако во Преговарачката рамка стои стариот текст дека acquis ќе се преведува на македонски јазик, во воведната изјава ЕУ констатира дека Бугарија и Северна Македонија имаат намера да дадат унилатерални декларации за македонскиот јазик. Не можеме да очекуваме дека Бугарија ќе ја смени нејзината позиција во однос на македонскиот јазик, не ни е познат текстот на нашата декларација, ниту имаме гаранција дека овие декларации нема да имаат влијание врз натамошниот третман на јазикот во ЕУ (инаку, тие ќе бидат прикачени на записникот на Првата меѓувладина конференција). Оттаму, се чинат наивни изјавите во стилот „јазикот/идентитетот е одбранет“.

Најголемите измени се прават во однос на правата на малцинствата или заедниците. Се воведува посебен акциски план за заштита на правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата или заедниците, кој е додаден на Патоказот за поглавјата од областа на владеењето на правото (поглавја 23 и 24). Во наведените области на овој план јасно се препознаваат бугарските барања: недискриминација, борбата против говорот на омраза, па дури и областа на образованието кое формално не припаѓа на овие поглавја. Се наложува Планот да има „ефективни мерки, механизми на известување и определување надлежни институции“ – повторно препознатливи бугарски барања, па дури ќе има и посебен извештај на Комисијата за ова. Ваква чудна комбинација на области досега немало за ниедна држава, едноставно затоа што е скроена „по бугарски терк“.

Не може да нѐ радува фактот што спроведувањето на Договорот за пријателство и соседство со Бугарија не влегол како посебно поглавје, зашто внесувањето на бугарските барања во кластерот Темели (што беше изменето бугарско барање) има ако не поголема, тогаш барем иста тежина како посебно поглавје. Кластерот Темели се отвора прв и се затвора последен. Напредокот во овој кластер го определува напредокот во преговорите воопшто. Одредници за отворање на Кластерот се Патоказите за владеењето на правото (поглавјата 23 и 24), како и за јавната администрација кои македонските власти треба да ги подготват, но по францускиот предлог – и Акцискиот план за малцинствата/заедниците. Овие одредници, на предлог на Европската комисија ги усвојува Советот едногласно, кој, кога ќе одлучи дали тие се задоволени, определува привремени одредници. Не може да се затвори ниедно поглавје додека Советот на ЕУ не заклучи дека привремените одредници се исполнети.

За споредба: Црна Гора и Србија како одредница за отворање на поглавјата од владеењето на правото (тогаш немаше кластери) имаа еден акциски план – оној за поглавјата 23 и 24. Во францускиот предлог за нас има три – за владеењето на правото, јавната администрација и за акцискиот план за малцинствата/заедниците, а може и да се додадат одредници за отворање и за другите поглавја и области од кластерот Темели. Црна Гора имаше вкупно 82 привремени одредници, Србија – 91. Преговараат веќе десетина години, а привремените одредници беа поставени година и пол по почетокот на преговорите за Црна Гора (во 2013), а две и пол години по почетокот за Србија (2016). Покрај тоа, плановите во Србија и Црна Гора веќе имаат доживеано и повеќе ревизии, а се дискутираше дури и за потреба од донесување нови. Овие планови и извештаите за нив се предмет на значајни дебати во овие две држави.

Како и во случајот со Србија и Црна Гора, Европската комисија ќе поднесува извештај до Советот на ЕУ за исполнувањето на привремените одредници од владеењето на правото секои шест месеци, само што во нашиот случај тоа ќе бидат два патокази и еден акциски план. Дополнително за Македонија, Комисијата ќе поднесува и редовни извештаи до Советот за исполнувањето на условот за добрососедски односи, односно спроведувањето на Преспанскиот и Договорот за Бугарија, вклучувајќи ги и непознатите досега протоколи.

Згора на сево ова, согласно новата Методологија важи правилото на реверзибилност – доколку се цени дека има назадување во одредена област, може отворањето на кластер да се “врати назад“, според посебна процедура.

Ако биде прифатен францускиот предлог, Бугарија ќе има правна основа да дава забелешки и предлози не само на патоказите, туку и на придодадениот Акциски план за малцинствата/заедниците, а секако и на привремените одредници. Ќе има многу можности за вето. Не е тешко да се претпостави што сѐ ќе може да стави на маса – треба да се погледнат само изјавите на бугарските официјални претставници на различните влади во изминатиов период, а можеме да очекуваме нивна „иновативност“ во иднина. Истото се однесува и за можниот придонес на Бугарија во дискусијата за извештаите што ќе ги поднесува Комисијата и за обликувањето на заклучоците на Советот на ЕУ за нив.

Оттаму, тешко може да се зборува за „затворање“ на прашања со Бугарија. Напротив. Добиваме нови обврски, неспоредливо поголеми и различни од другите држави пристапнички, надвор од acquis на ЕУ. Какво ќе биде влијанието на внатрешен план е посебно прашање што треба посебно да се елаборира. Меѓутоа, знаејќи какви делби по сите линии предизвикаа Преспанскиот договор, а потоа поставените барања од Бугарија, можеме да претпоставиме какво ќе биде влијанието кога овие прашања како најважен дел на агендата за пристапување во ЕУ постојано ќе се поставуваат како приоритетни во македонското општество следната деценија или следните децении.

На крајот од своето шестмесечно претседателствување со ЕУ, Франција ќе може да се пофали дека ѝ дала кандидатура на Украина и дека не го заборавила Западниот Балкан, туку дека направила клучен напредок со тргнувањето на ветото за Северна Македонија и Албанија. Бугарија, доколку се сложи се предлогот, ќе се покаже како кооперативна, а ќе си обезбеди правна основа за вградување на нивните барања кон Македонија во секоја идна прилика во Советот на ЕУ.

Ние ќе треба да се носиме со последиците на нелегитимните и нетранспарентните одлуки на нашата власт, вклучувајќи ги досега направените отстапки, кои го овозможија ваквиот француски предлог.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Најчевска за францускиот предлог: Ова не е негирање на идентитетот на Македонците, туку едностран акт на асимилација и окупација на Македонија

Ивор Мицковски: Францускиот предлог го руши македонскиот суверенитет, идентитет и историја

Ѓорги Спасов за францускиот предлог: Ни прави ли Франција мечкина услуга?

Фото: Кабинет на претседателот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Што објавија медиумите за наводите за криминал на Онкологија

Редакција

Засега нема македонски државјани кои побарале помош поради големите шумски пожари на Родос

Редакција

Нови 125 нови случаи со корона вирусот, најмногу 89 во Скопје

Редакција