Исламскиот теолог, филозоф и дипломат Шеик Имран Хосеин ги повика Муслиманите да застанат на страната на Македонија и да не поддржуваат крвопролевање.
„Врз Македонија се врши политичко насилство! Не ги затворајте очите пред неправдата! Застанете на страната на Македонија„, апелира тој во видео обраќање.
Тој најавува посета на Македонија и се осврнува на актуелните случувања со францускиот предлог, кој, според Хосеин, претставува политичко и лингвистичко насилство врз Македонија.
„Македонија сега е брутално нападната. Кој било човек што зборува на некој јазик, знае дека ние сме сопственици на нашиот јазик, па така и македонскиот народ го поседува правото на сопственост на својот јазик.
Очигледно станува збор за грубо политичко насилство, штом се принудени да прифатат дека нивниот јазик е дијалект на некој си друг јазик. Ова претставува политичко и лингвистичко насилство.
И не само што тоа треба да биде осудено, туку, ние Муслиманите од целиот Балкан, мора да застанеме во поддршка на онеправданите. Кристално јасно е дека Македонија е угнетена и врз неа се врши политичко насилство. И функцијата, должноста на Муслиманот е да застане во одбрана на угнетуваните, и да пружи отпор на угнетувачот„, порачува Хосеин.