Доделувањето на наградите на 13. Фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи денеска, во Куршумли-ан, со почеток во 20 часот.
На фестивалот „МакеДокс“ се доделуваат пет награди – „Кромид“ за најдобар филм во главната програма, „Млад кромид“ за најдобар филм на нов автор, „Сечкан кромид“ за најдобар краток филм, „Кокарче“ за најдобар студентски филм и Награда за филм со најдобри етички идеи, а во комисиите за наградите членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот свет.
Во составот на комисијата за наградата „Кромид“ се Џон Апел, холандски автор и режисер на над 40 документарни филмови, Кармен Греј, независна новинарка за уметност и култура, филмска критичарка и програмерка која пораснала во Нов Зеланд, а сега живее во Берлин, и Јана Цисар, филмска и извршна продуцентка на документарни филмови, но и предавач на Интернационалната филмска школа во Келн, Германија.
За наградата „Млад кромид“ одлучува комисија во состав: Даниел Вадоцки, кој дипломирал филозофија на Универзитетот во Трнава и филмски студии на Високата школа за изведбени уметности во Братислава, каде што предавал филозофија и естетика на Катедрата за филм, а во овој период е менаџер на фестивалот „Плуто филм“; Наталија Јефимкина, авторка на документарни филмови која е родена во Киев, а од 1995 живее во Германија; и Жоан Гонзалес, основач и директор на „ДоксБарселона“, филмски фестивал со 25 изданија и „Ел документал дел мес“, мрежа од 80 кина кои премиерно прикажуваат документарни филмови од 2005 година.
Во комисијата за наградата „Сечкан кромид“ се три дами: Марион Чарни, која работи за фестивалот „ФипаДоk“ од 2008 година, каде што ги надгледува сите уредувачки содржини за младата публика и новите режисери; Ангелики Вергу, координаторка на сите настани во индустријата на „Агора докс“ на Солунскиот фестивал за документарен филм; и Сузан Нодал, специјалистка за дистрибуција на документарни филмови, а од 2021 година станува дел од дистрибуциската компанија „Cercamon“ и го уредува каталогот на долгометражни документарни филмови во компанијата.
За наградата „Кокарче“ одлучува комисијата составена од Алба Чакали, фестивалски продуцент на „ДокуФест“ во Призрен; Златко Ѓелески, кој со филмска критика се занимава од 2008 година, а работи и како филмски автор, радиоводител и писател; и Невена Милашиновиќ, член на тимот на фестивалот „Лајтдокс“, каде е одговорна за дистрибуцијата во Централна и Источна Европа, Азија, Латинска Америка и Африка.
Во конкуренција за Награда за филм со најдобри етички идеи влегуваат сите филмови од натпреварувачките селекции, а одлучува комисија во состав: Артан Садику, истражувач, теоретичар и активист кој има докторат по филозофија, а негови примарни научни интереси се теориите на субјектот, феминизмот, радикалните практики во политиката и уметноста; Борче Стаменов, информатичар и филантроп кој го основал движењето „Донирај компјутер“ во 2016 година за собирање компјутери кои не се употребуваат за да ги донира на деца од социјално загрозени семејства, а досега се донирани над 1800 компјутери; и Сашка Цветковска, меѓународно наградуванa истражувачкa новинарка и главна уредничка на ИРЛ (Истражувачка репортерска лабораторија), непрофитна медиумска организација која работи во Македонија и на Балканот, значајна поради своето женско лидерство, младиот кадар и иновативното раскажување приказни.
По церемонијата на доделувањето на наградите ќе продолжи филмската програма во Куршумли-ан и на платото пред Музејот на РСМ.
Со почеток во 23 часот, на 24 август, во Куршумли-ан ќе се одржи и концерт на Елма и Адмир филм мјузик оркестар. Елма Бурниќ и Адмир Ќулумаревиќ со нивниот оркестар за публиката на „МакеДокс“ ќе изведат некои од најубавите севдалинки што се појавиле на филмското платно во прекрасен и интересен аранжман.
Филмската програма на 13. „МакеДокс“ ќе продолжи и на 25 август, со шест документарни филмови, чии проекции ќе се одржат во Куршумли-ан и на платото пред Музеј на РСМ.
Промотивна објава