(Џесика Бејтман – Гардијан)
Неодамна во Белград, додека сонцето заоѓаше, автобусите застанаа пред Музејот на Југославија, импозантен објект од средината на 20 век во српскиот главен град. Постојано пристигнуваа луѓе, некои носеа цвеќиња, а неколкумина го вееја старото знаме на земјата. Тие дојдоа да го посетат мавзолејот во кој се наоѓа гробот на Јосип Броз Тито, основачот на социјалистичка Југославија.
Многумина од посетителите пораснале во стариот систем и дошле да го одбележат роденденот на диктаторот, што беше голем државен празник пред распадот на Југославија. Некои биле членови на екстремно левичарски политички партии и носеа маици и транспаренти кои изгледаа кич. Но, имаше и неколку помлади луѓе.
На скалите пред специјалната изложба, која низ плакати, уметнички дела, артефакти и снимени сеќавања на „обичните луѓе“, сведочи за времето на Тито, го сретнав 18-годишниот Милош Томчиќ со капа и шал на „пионерите“, југословенското социјалистичко младинско движење.
„Сакав да видам слика од тоа време“, рече тој, кога го прашав зошто дошол.
„Тоа беше сјајно време. Сите се сакаа“. Дали се смета себе си за Србин или Југословен?
„Југословен“, одговори тој без двоумење.
„Мајка ми е Србинка, татко ми Црногорец, баба ми Хрватка. Всушност, моето семејство е од цела Југославија“.
Социјалистичка Федеративна Република Југославија, составена од шест републики – Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Црна Гора и Македонија, плус тогашниот автономен регион Косово, беше основана од Тито во 1945 година.
Државата на Тито имаше за цел да ги обедини различните етнички и религиозни групи во регионот под слоганот „братство и единство“.
Зголемениот национализам по неговата смрт во 1980 година доведе до нејзино распаѓање во 1992 година и до крвавите југословенски војни во 1990-тите. Вообичаениот наратив во текот на овие години беше дека Тито, речиси половина век, ги принудувал различните народи да живеат заедно против нивните желби.
Но, 30 години подоцна, многумина сè уште имаат длабока наклонетост кон земјата која повеќе не постои и жалат за нејзиното распаѓање.
Во Србија, 81% велат дека веруваат оти распадот бил лош за нивната земја. Во Босна, која секогаш беше најмултикултурната од републиките, 77% го делат тоа чувство. Дури и во Словенија, која беше првата република од поранешна Југославија што се приклучи на ЕУ и се смета за „најуспешна“, 45% сè уште велат дека распадот бил штетен.
Сосема очекувано, само 10% во Косово, кое немаше целосна независност во Југославија, жалат за распадот.
Наклонетоста кон стариот систем често се нарекува „Југоносталгија“.
Сепак, Лариса Кутовиќ, политички антрополог од Сараево која го проучува постјугословенскиот идентитет во Босна, е претпазлива во врска со терминот.
„Носталгијата подразбира некаква меланхолија или копнеж“, вели таа. Се разбира, ова постои, со бројни ресторани и пансиони низ регионот, како што е познатото Кафе Тито во Сараево, украсено со кичести сувенири и претставувајќи го розовиот поглед на тоа време.
Но, Кутовиќ вели дека постои и движење на помлади луѓе кои покритички гледаат на тој период, оценувајќи ги и неговите позитивни и негативни страни.
„Постои големо почитување за социјалистичкиот период и тоа е поврзано со економскиот раст и огромните подобрувања на животниот стандард“, вели таа, додавајќи дека „пропаднатите ветувања“ на југословенскиот проект избледеа под напливот на национализмот и насилството што следуваа.
Повеќето држави од поранешна Југославија забележаа огромен економски пад од војните и сè уште страдаат од голем „одлив на мозоци“. Особено Босна и Србија се оптоварени со политички судири, а нивните некогаш утопистички станбени населби и железниците изградени од времето на Југославија се во распаѓање.
Иако Хрватска и Словенија најдоа релативна стабилност како членки на ЕУ, апликациите на другите земји заглавија и преговорите за членство не се материјализираат, оставајќи многумина да се сомневаат дали воопшто некогаш ќе се приклучат на блокот.
Во тој контекст, некои се прашуваат дали минатото може да содржи некакви решенија за иднината. Кутовиќ ги наведува движењата за работнички права кои се појавија во Босна во последната деценија, врз основа на стариот југословенски социјалистички модел на самоорганизирање на работниците.
„Овој систем беше многу специфичен за Југославија“, вели таа, објаснувајќи го неговото отстапување од сталинистичката државна сопственост на индустријата.
Иако Југославија беше еднопартиска држава, имаше значителни разлики во однос на другите земји зад железната завеса. Тито го основаше движењето на неврзаните и одржуваше балансирани односи меѓу западот и СССР, а југословенските граѓани можеа да патуваат насекаде.
Силата на стариот југословенски пасош ја споменуваат многумина од оние што ги среќавам при посетата на гробот на Тито, на кои сега им е потребна виза за да влезат во повеќето земји.
Друга вообичаена тема што Кутовиќ ја гледа е губењето на статусот и перцепцијата дека луѓето од живеење во релативно голема, почитувана држава, преминаа во многу помали и помалку значајни земји.
Ѓорѓе Пералок е роден во Македонија во 1989 година, но сега живее во Бангкок.
„Секогаш кога треба да направам нешто бирократско како што е отворање банкарска сметка, тие никогаш не можат да ја најдат Северна Македонија на нивниот систем, но можат да ја најдат Југославија“, вели тој.
„Ако ме прашувате мене, ние сè уште би можеле да имаме корист од федерацијата, дури и ако тоа не е Југославија, бидејќи ние сами сме толку мали и безначајни“.
Тој верува дека овие чувства се вообичаени меѓу луѓето на негова возраст, кои всушност никогаш не живееле под стариот систем.
„Целата наша инфраструктура е од тој период, а сега се распаѓа“, додава тој.
Исто така, постојат и движења кои што го преиспитуваат антифашистичкото, антинационалистичкото наследство на регионот, кое војните го ревидираа или се обидоа да го избришат. Се појавија хорови кои пеат стари партизански песни, како на Балканот, така и меѓу заедниците во дијаспората.
Во Виена, хорот „29 Ноември“, именуван по датумот на основањето на Југославија, се состои од членови од сите поранешни југословенски републики. Неговата првична цел беше да биде предизвик за национализмот што се појави во дијаспората за време и по војните.
Југословенските работнички клубови, во кои луѓето порано се состануваа за да испијат кафе, да поразговараат и да играат шах, станаа сегрегирани по етничка припадност. Членовите на хорот „29 Ноември“ се облекуваат во црвени и сини јакни со ѕвезди, повикувајќи се на старото југословенско знаме, но избегнуваат да пеат песни поврзани со Комунистичката партија или кои го слават Тито.
„Тоа е свесна одлука, бидејќи знаеме дека се случува глорификација, што е проблематично“, вели диригентот Јана Долецки, која по потекло е од Хрватска и се преселила во Виена во 2013 година.
„Плус, и немаше добри песни“, вели таа во шега.
Наместо тоа, членовите внимателно избираат мелодии за кои веруваат дека можат да се применат во актуелните политички борби како што се порастот на национализмот и популизмот.
„Се обидуваме да останеме настрана од историскиот ревизионизам“, вели таа.
„Можете да влезете во оваа прослава од минатото, секогаш велејќи дека е подобро, но не размислувајќи што всушност значи тоа „подобро“.
Хорот им помогна на некои членови да истражат чувствителен период од историјата.
Марко Марковиќ, кој е роден во Белград, но пораснал во Виена, вели дека неговото семејство како дете одбивало да разговара со него за војните.
„Беше премногу комплицирано за едно седумгодишно дете да разбере, или барем тие така мислеа“, се присетува тој.
„Секогаш имав чувство дека историјата од каде што дојдов е табу тема“.
Кога го нашол хорот, почувствувал дека конечно може да „закрпи некои дупки“.
Интернетот, исто така, обезбедува порта за луѓето повторно да ги откријат занемарените аспекти на нивното наследство. Неколку популарни профили на Инстаграм го споредуваат мебелот, бруталната архитектура и графичкиот дизајн од тој период.
Петер Корчнак, кој порасна во тогашна Чехословачка, го лансираше подкастот Сеќавање на Југославија во 2020 година.
„Додека растев, Југославија ми изгледаше како рај“, вели тој, објаснувајќи дека многу луѓе кои бегаа од чехословачкиот режим одеа во Југославија. Истото го правеа и дисидентите од другите комунистички земји, како Романија од времето на Чаушеску.
„Го гледав насилното распаѓање на Југославија додека бев сведок на мирното распаѓање на мојата земја“, вели тој.
„Почнав да барам паралели, споредувајќи ги двете. И едноставно станав фасциниран од тоа“.
Корчнак е восхитен од емотивниот излив што го добива од некои слушатели.
„Најдобриот коментар што сум го слушнал е дека тоа е како јавен сервис“, вели тој.
„И многу луѓе велат: „Долго време се срамев дури и да го помислам зборот „Југославија“. Некои велат дека тоа е дури и како терапија“.
Корчнак смета дека наклонетоста на многу поранешни Југословени кон нивниот стар систем е впечатлива.
„Можете да слушнете постари луѓе (во Чешка) како велат: „Ох, тогаш работите беа поевтини“, но главно сите продолжуваат понатаму“, вели тој.
„Но, (во поранешна Југославија) тоа некако се трансформира во нешто друго“.
Сепак, некои се покритични кон она што го гледаат како прекумерен романтизам на тој период.
Семејството на Арнела Ишериќ е од Босна и побегнало во САД, каде што е порасната во време на војната.
„Мојот впечаток како дете беше дека (Југославија) беше најубавото време и дека сè беше хармонично“, вели таа.
„Но, кога пораснав, сфатив дека има работи во врска со тоа што не ми се допаѓаат“.
Таа го наведува недостатокот на ЛГБТ права и потиснувањето на политичкото несогласување. Сепак, таа вели дека сè уште може да се идентификува со „духот“ на Југославија.
„Кога патувам во други делови од регионот, како Црна Гора или Хрватска секогаш се чувствувам како да се поврзувам со луѓето. Можам да зборувам на нивниот јазик и имаме слична култура“.
Како што поминува времето и помладите се помалку директно погодени од траумата на војната, некои сметаат дека станува полесно да се анализира периодот.
„Речиси секој ден некој прашува дали може да не интервјуира за својата дисертација за постјугословенскиот идентитет“, вели Долецки, диригент на хорот.
„Долго време тоа беше општествена табу тема“, се согласува нејзиниот колега Марковиќ.
„Но, оваа генерација го има луксузот да биде доволно далеку за да ги нема сите предрасуди и траумата што доаѓа со тоа. И мислам дека тоа ќе станува се поизразено“.
МИА