ДУИ може да функционира без било кој поединец затоа што има стабилни структури, изјави денеска лидерот на партијата Али Ахмети по вчерашниот апел до него од членови на партијата да го искористи својот авторитет за да се зачува партиското единство.
– Без сомневање дека ДУИ има воспоставено стабилни структури кои можат да функционираат без Али Ахмети, Блерим Беџети, Муса Џафери, Изет Меџити. Ова е национална инвестиција која има силна основа и силна поддршка. За 20 години има инвестирано во кадарот на партијата. Советот и Конгресот се функционални, за анархијата нема место, изјави Ахмети.
На новинарско прашање како ќе се одрази ова барање на дел од членовите на ДУИ меѓу кои има и двајца пратеници, Ахмети со одговор дека ќе се работи на менаџирање на ситуацијата.
-Пратениците не верувам дека ќе ја ризикуваат иднина на генерациите. Ова е дневна политика. Не е нешто што не може да се менаџира и да се надмине. Ние не отстапуваме од нашата платформа. Секогаш имало незадоволство и дебати и сум бил отворен за предлози и мислења. Поголем дел од ДУИ не сака анархија, сака правила, мир и дебата, истакна Ахмети.
Прашан дали во 2023 година ќе има нов избор за претседател на партијата, Ахмети со одговор дека не завршил со неговата мисија.
-Јас не сум функционер, јас сум мисионер, мојата мисија се уште не е завршена. Ќе ме „имате на врат“ и наредните четири години, рече Ахмети.
Членови на ДУИ вчера обвинија дека во партијата речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски тела и дека политичкото одлучување, како што велат, станало индивидуално.
Во писмото, потпишано од 20-тина членови меѓу кои и Изет Меџити, Муса Џафери, Висар Ганиу, Невзат Бејта, Блерим Беџети, тие побараа внатрепартиска дебата за да се надмине состојбата и го повикаат лидерот на партијата Али Ахмети да го искористи својот политички и статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство. За состојбите во партијата тие го обвинуваат Артан Груби.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
МИА/Фото: Фејсбук/Ахмети