еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Банкарскиот сектор соодветно се справува со предизвиците наметнати од воениот конфликт, велат од Народна банка

На редовната седница на Советот на Народната банка одржана вчера, беше усвоен Извештајот за ризиците во банкарскиот систем за вториот квартал од 2022 година, информираат од таму.

„Од Извештајот може да се заклучи дека банкарскиот сектор и во второто тримесечје од 2022 година, соодветно се справува со предизвиците наметнати од воениот конфликт меѓу Русија и Украина и ги зголеми активностите на квартална основа.

Мерките преземени од страна на Народната банка за стабилизирање на неповолните очекувања на населението настанати по избивањето на воениот конфликт, овозможија стабилизирање на движењата кај депозитната основа,“ се вели во соопштението.

Депозитите на домаќинствата бележат раст во вториот квартал, со што годишната стапка на раст изнесува 5,2%. Кредитирањето и натаму солидно расте, со иста динамика како и во претходниот квартал, со што годишната стапка на раст на кредитите и натаму е на нивото од околу 10%.

„За зголеменото кредитирање во вториот квартал подеднаков придонес имаат и корпоративниот сектор и секторот домаќинства.

Солвентноста на банкарскиот систем е солидна и забележа подобрување во однос на претходниот квартал, со стапка на адекватност на капиталот од 17,3%.

Показателите за ликвидноста и натаму се на задоволително ниво, иако умерено се намалени во однос на претходниот квартал.

Банките одржуваат ликвидност што е повисока за 2,5 пати од регулаторниот минимум (100%). Резултатите од стрес-тестовите упатуваат на задоволителна отпорност на банкарскиот систем на претпоставените екстремни, поединечни и комбинирани ликвидносни одливи.

Квалитетот на кредитното портфолио на банките и натаму е солиден, со учество на нефункционалните во вкупните кредити од 3,2%, што е пониско од претпандемичното ниво,“ се додава во соопштението.

Ризиците за целокупниот макроекономски контекст и натаму се изразени и се поврзани претежно со надворешното окружување, а главниот ризик и понатаму претставува неизвесноста поврзана со текот и времетраењето на воениот конфликт помеѓу Русија и Украина и неговото влијание врз цените и економската активност во глобални рамки, што може да се одрази и врз активностите на банкарскиот сектор.

„Најновите оцени покажаа дека банкарскиот сектор и натаму е здрав и стабилен, со задржана отпорност на шокови. Но, тој и натаму работи во неизвесно окружување што постепено ги зголемува системските ризици, што наметнува потреба од натамошно претпазливо планирање на капиталните позиции на банките.

Имајќи ги предвид ваквите околности, Советот донесе одлука со којашто ја потврди претходно утврдената стапка на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Македонија од 0,5%.

Исто така, со новата одлука на Советот се предвиде да се применат и стапките на противцикличниот заштитен слој на капиталот што се утврдени од надлежните органи на другите земји за изложеностите на домашните банки кон клиенти од други земји.

Со ова се постигнува натамошно усогласување со регулативата на Европската Унија, а се придонесува за подобро управување со ризиците што се специфични за одделните банки, коишто произлегуваат од нивните изложености кон клиенти од други земји. Банките се должни да ги применуваат овие стапки почнувајќи од 1 октомври 2023 година,“ велат од Народна банка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нов „балансер“ за вработување во администрацијата и на Албанците во дијаспората

Редакција

Така е кога заедно играат фудбал Македонци, Албанци, Турци… Историскиот пласман на ЕП ја сплоти Македонија: Твитер реакции

Редакција

ЕЛЕМ продаде вишоци електрична енергија за 796.080 евра

Редакција