Барањето за одржување референдум поднесено од политичката партија Левица не е подготвено во согласност со Собранискиот деловник, а прашањето е несоодветно поставено, смета претседателот на Собранието, Талат Џафери.
-Испитувајќи го вашето „Барање за покренување на граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување на задолжителен дополнителен референдум“, увидов дека барањето не е подготвено во согласност со одредбите на Деловникот, а особено член 135 од истиот, а и поставеното прашање упатува на несоодветно поставено прашање од причина што, заклучоците не се општ правен акт, закон или устав, истите по негова природа и содржина се став кој ја насочува Владата во нејзиното постапување, наведе вечерва Џафери во соопштение како одговор на граѓанската иницијатива за одржување референдум од Левица.
Претседателот на Собранието воедно бара во предвидениот рок предлагачот да го усогалси барањето со одредбите од Деловникот на Собранието.
-Имајќи го во предвид горенаведеното, а согласно член 136 од Деловникот на Собранието, кој гласи: „Ако предлогот на закон не е подготвен во согласност со одредбите на овој Деловник, претседателот на Собранието, пред да го достави на пратениците, ќе побара од предлагачот да го усогласи со одредбите на овој Деловник.
Ако предлагачот не го дополни предлогот на законот во рок од 15 дена од барањето на претседателот на Собранието, се смета дека предлогот на законот не е поднесен“, која одредба соодветно се применува и за сите други поднесоци. Барам во предвидениот рок, Вашето барање да го усогласите со одредите на Деловникот на Собранието на Република Македонија, наведува Џафери.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Левица“ до Собранието го поднесе барањето за покренување референдум
Фото: Собрание