еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Студентскиот оброк ќе се исплаќа како и до сега, до март треба да се изнајде системско решение

Студентскиот оброк по цена од 120 денари дневно да се исплаќа ретроактивно до март, а дотогаш да се најде системско решение за оваа субвенција.

Тоа е договорено на средбата во Собранието меѓу претставници на студентите од сојузите на неколку универзитети, министерот за образование и наука Јетон Шаќири и пратениците кои предложија нов Предлог-закон за субвенциониран студентски оброк со сменети услови за корисниците што предизвика реакции и ги крена студентите на протест.

По тричасовната средба, Шаќири изјави дека сите заедно одлучиле да се предложи нов предлог-закон во кој ќе влезат условите од постојниот закон од 2021, а веќе од утре тој со претставници на студентските унии активно да работат на наоѓање системско решение како во другите земји.

-Значи, предлог-законот ќе биде во временски период од шест месеци, што значи ретроактивно од 15 септември и ќе продолжи до март и дотогаш ние ќе имаме временски рок на усогласување за новото системско решение кое ќе значи дека студентите ќе добиваат здрав студентски оброк и ќе се реализира исплатата на дневна основа.

Во овој период се договоривме ретроактивно за вредноста што беше досега, со измените од 2021 година, а во наредниот период со системското решение ќе биде повисока сумата за студентскиот оброк. Значи од март ќе биде повисока и тоа почнувајќи од 140 денари или според тоа какви ќе ни бидат анализите до тој период, рече Шаќири по средбата на која присуствувал и премиерот Димитар Ковачевски.

Шаќири посочи дека Предлогот со нови, неповолни услови за студентите за остварување на субвенцијата за оброк, не бил предлог на Министерството за образование и наука (МОН), туку на група пратеници и не стигнал до Влада на разгледување за да се даде мислење.

-Пратениците видоа дека тоа не е добро решение во ова кризно време. Во наредниот период јас ќе бидам во постојана комуникација со работната група и тие ќе бидат дел од тимот со кој ќе работиме заедно – и за системското решение, и за подобри услови, и за сите други проблеми што ги имаат студентите, рече Шаќири.

Во однос на барањето за подобрување на условите во студентските домови, министерот рече дека ќе разгледаат каде може најитно да интервенираат, како што рече, во најпроблематичните состојби.

-Образложив и дека од Германската банка за развојни политики имаме веќе добиени проекти во вредност од 24 милиони денари и одредени студентски домови се во одредени фази. Во периодот на разговори со студентите ќе видиме што може да се изменаџира со новиот буџет, рече Шаќири.

Премиерот Ковачевски изјави дека дијалогот бил конструктивен и дека студентите секогаш имаат право да ги кажат своите ставови, а Владата и пратениците, рече, се тука за тие ставови да ги слушнат и да разговараат со студентите за да се најде решение на задоволство на сите.  

-Поминаа времињата кога некој можеше со студентите да се поигрува така како што сака, бидејќи студентите се тие коишто се наши деца, и коишто се иднината на оваа држава, а за која иднина носиме одлуки да биде европска, да може да живеат во услови како што живеат нивните врсници и во Германија, и во Австрија, и во сите други земји на ЕУ, рече Ковачевски.  

Ги запознал студентите и за снабдувањето со електрична енергија и дека во наредниот период министрите за  економија и образование треба да ги утврдат потребите од потрошувачката и од додавање грејни тела во студенските домови.

-Студентските домови, најголемиот дел дури мислам, се на централното греење во градот Скопје. Ние обезбедивме централно греење во градот Скопје. Веќе се набавени и количини на енергенси до крајот на овој месец. Ги набавуваме со термински план којшто е пократкорочен заради движењето на цените на гасот, а доколку има потреба за догревање, тогаш секако МОН заедно со Министерството за економија ќе направи така како што направивме и за прехранбената индустрија, како што направивме за другите витални функции во државата, додаде Ковачевски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Студентите протестираа пред Собрание за подобри услови за студирање

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Алкалоид пушти во употреба нова инвестиција вредна 1,3 милион евра

Редакција

Снимките кои Милошоски ги достави до Русковска дадени на вештачење

Редакција

Од коронавирусот во светот починаа 3.284, заразени се 95.488, а оздравеле 53.689 лица

Редакција