еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ ЧИСТА ОКОЛИНА

Мазутот да не биде погонско гориво за топланата „Скопје Север“, кога може да се користи гас

Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска се осврна на фактот што изминатиов период топланата „Скопје Север“ почна да употребува мазут, иако како алтернативно гориво, но сепак, такво што предизвикува големо загадување на околината. Според Бектеши, за да се заштити животната средина во Скопје, целта на Владата е топланите „Исток“ и „Запад“ да работат да природен гас, а тој истото го очекува и за „Скопје Север“.

– Ако имаме непречено снабдување со природен гас, тие до крајот на сезоната ќе работат на природен гас. Во делот на „Скопје-Север“, таму имаме приватна компанија, која е сопственик на топланата.

Тоа е Топлификација А.Д. и ние сме им понудиле, како што направивме со Адора и претходно со БЕГ, две решенија – и договор за закуп и ние преку ЕСМ да ја преземеме одговорноста во делот на работата, посебно во кризна состојба, истакна Бектеши.

Користењето на мазутот, притоа, се случува во временски период кога цената на природниот гас е значително намалена, со што паѓаат во вода тезите дека мазутот како алтернативно гориво е поисплатлив.

Топланата „Скопје Север“ како дел од нејзината интегрирана еколошка дозвола може да користи мазут како алтернативно гориво, но само под одредени услови и во краток временски период. Дали тоа навистина се почитува, се сомневаат и дел од еколошките активисти.

– Нема информации од Град Скопје дека нешто од ова е направено. Го повикуваме Инспекторат на град Скопје да извршат инспекција и извршат мерења на емисиите во воздух, а Државен пазарен инспекторат со државната мобилна лабораторија за испитување на квалитетот на течните горива да го провери квалитетот на мазутот.

Потребно е да се направат сите можни чекори за да се избегне користење на мазутот, едно од најнечистите горива кое во комбинација со лоши процеси на согорување е еден од најопасните извори на аерозагадувањето, објавија од „О2 иницијатива“ на својата официјална Фејсбук-страница.

Според информациите од „Скопје Север“, таа функционира комбинирано, што значи користи и природен гас, додека мазутот е од резервите, а за неговиот квалитет нема дополнителни информации.

Сето ова се случува без притоа да се врши мониторинг на емисиите што топланата ги испушта во воздухот. Набљудувањето на квалитетот на воздухот е една од обврските што топланата ги има според еколошката дозвола.

Во дозволата исто така е наведено дека во периодите кога ќе се користи мазут како погонско гориво, за тоа треба да се извести Надлежниот орган и да се доставува спецификација за квалитет и количина на горивото. Притоа, истото треба да биде во согласност со Правилникот за квалитет на течни горива (“Службен весник на Република Македонија’’ бр.81/09).

– Доколку Операторот ги стартува и ги стави во функција котлите на енергенс мазут, без одлагање треба да го извести Надлежниот орган, да изврши мерења на емисиите при стартување и да ги достави извештаите од мерењата до Надлежниот орган, стои во интегрираната еколошка дозвола (Б) со број 08-2598/5 што Град Скопје ја издал на топланата во јули годинава.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Мировни преговори за Украина на почетокот на август во Саудиска Арабија, без Русија

Редакција

Убава вест: 84 оздравени пациенти од Ковид-19

Редакција

Почна кампањата: Пендаровски, Силјановска и Река под лупа

Редакција