еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Анкета на ИРИ: Само 13% од граѓаните сметаат оти Македонија се движи во вистинска насока

Незадоволство од насоката во која се движи Македонија, поддршка за членството во ЕУ и зголемување на позитивните перцепции за Кина и Турција покажува новата анкета на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Македонија.

На прашањето за насоката на движење на земјата, само 13 отсто од македонските граѓани одговориле дека земјата се движи во вистинска насока, додека 58 отсто одговориле дека се движи во погрешна насока. Дваесет и осум проценти од испитаниците биле неутрални.

–Со зголемувањето на инфлацијата и цената на електричната енергија и другите економски предизвици со кои се соочува С Македонија во моментов, нашите податоци покажуваат дека луѓето не веруваат дека земјата се движи во вистинската насока, рече Пол Мекарти, регионален директор на ИРИ за Европа.

Креаторите на политики на национално ниво, како што се наведува, ќе треба да останат фокусирани на економските прашања доколку сакаат да ги сменат овие бројки.

Анкетата исто така покажа силна поддршка за членството во ЕУ и покрај падот од 11 процентни поени од ноември 2021. Седумдесет и три отсто од македонските граѓани сакаат да влезат во ЕУ, а 24 отсто не се за влез во ЕУ.

-Многу е охрабрувачки да се види таква силна поддршка за членство во ЕУ, бидејќи има и недемократски актери кои напорно работат за да ја подобрат својата положба во земјата, рече Мекарти.

Анкетата покажа дека 87 отсто од македонските граѓани силно се согласуваат или донекаде се согласуваат дека силните односи со Турција најдобро и служат на интересите на земјата. Шеесет и пет проценти истото го мислат за Кина. Овие бројки претставуваат мало зголемување од претходната анкета на ИРИ, и за Турција, и за Кина.

Анкетата е спроведена во име на Центарот за анкетни истражувања од Брима, фирма за истражување на пазарот (членка на Тејлор Нелсон Софрес и Галуп Интернешнл).

Податоците се собрани од 23 септември до 13 октомври, 2022, со повеќестепен стратификуван примерок преку интервјуа лице-во-лице во домовите на испитаниците. Анкетиран е национално репрезентативен  примерокот од 1.207 испитаници на возраст од 18 години и повеќе.

Податоците се пондерирани според возраст, пол, регион, населеното место (урбано/рурално) и етничката припадност. Маргината на грешка е ± 2.8 поени на ниво на доверба од 95%. Стапката на одговор е 69 отсто.

Анкетата е направена со поддршка на Националниот фонд за демократија (НЕД).

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Фото) Груевски има највисок рејтинг во анкетата на ИРИ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Спектакуларен огномет над Скопје за 247. годишнина од независноста на САД

Редакција

„Еуроимпекс“ го доби тендерот на Државниот архив за набавка на автомобил вреден 17.000 евра

Редакција

(Фото) Tиквеш се нуди како главно вино во Пешкопеја, Албанија

Редакција