На 25 декември од страна на Единицата за недозволена трговија со дрога, Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи при Оддел за криминалистичка полиција, во заедничка акција со СВР Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога и оружје и со Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, со поддршка од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во Катланово лишeни се од слобода три лица, и тоа М.Ш.(48), Е.Т.(30) и А.З.(19), сите од Скопје, бидејќи кај нив бил пронајден ранец со 14 компресирани пакувања со синтетичка дрога амфетамин, со тежина од околу 7 килограми, чија вредност е околу 40.000 евра, информираа од МВР.
„Имено, во текот на ноември и декември 2022 година, по наредба на Јавен обвинител од ОЈО Скоје, беше спроведено криминалистичко истражување насочено кон лица дилери, кои вршат продажба на синтетичка дрога амфетамин и на марихуана од Скопје, Велес, Гевгелија и Тетово.
Во текот на истрагата лишени од слобода се 13 лица и запленет е околу 1 килограм синтетичка дрога амфетамин и марихуана, за што досега се поднесени 8 кривични пријави до надлежните основни јавни обвинителства во Скопје и Велес, а на дел од лишените лица одредени им се мерки притвор.
Во текот на денешниот ден извршени се претреси на 5 локации во Скопје, при што се пронајдени марихуана, хероин, амфетамин и предмети кои потекнуваат од извршени кривични дела кражби.
Запленети се и парични средства кои потекнуваат од продажба на наркотични и синтетички дроги, а запленети се четири патнички возила (голф 5, ауди А3, мерцедес и рено клио) за кои во текот на истрагата беа обезбедени докази дека биле употребувани за продажба на дроги.
Притоа, лишена од слобода е и Р.И.(39) од Скопје, а против други лица инволвирани во извршените кривична дела, за кои се обезбедени докази, ќе бидат преземени дополнителни мерки за нивно пронаоѓање и лишување од слобода,“ изјави Сузана Прањиќ Талевска, портпарол на МВР.
Од страна на СВР Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога и оружје до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје ќе биде поднесена кривична пријава против 5 лица за извршено кривично дело по член 215 од Кривичниот законик.
Министерството за внатрешни работи и во претпразничниот период ќе продолжи со преземање на засилени мерки и активности во борбата против недозволената трговија со дрога и наркотични средства.
Видео/фото: МВР