еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Баба Благородна има сто години, новогодишна желба и е пак да прогледа за да си ја види фамилијата

Благородна Јованова има сто години и новогодишна желба и е пак да прогледа и да прооди, за да си ја види фамилијата.

-Господ да ми даде видело, да одам. Ама годините се ногу, не се враќа виќе. Тајфата нека биде жива, ја стига е толку, откри таа за МИА, за тоа, што посакува во Новата година.

Заболени желудник и срце, висок притисок, камења во жолчката. Преживеала операција тумор на јајник, карцином на кожа, коронавирус.

Заедно со нејзините блиски, ќерката Мица и зетот Лазо, се обидовме да погодуваме, што е тоа, на што се должи нејзината долговечност. Родителите не и биле долговечни. Четирите сестри изживеале по над осумдесет години. Еден брат доживеал 91 година, друг загинал млад, ама од струен удар.

Поради зрачење на рак на кожа на лицето, ослепела прво на едното око. Потоа и на другото, бидејќи имала “перде”, а докторите не сакале да ризикуваат со операција.

Таа најголем дел од животот го поминала во родното демиркаписко село Дрен. Единаесет години е вдовица. Зема семејна пензија од сопругот. По прележаната корона, една година е неподвижна, со придружба чекори по некој чекор. Слепа е веќе две години.

Не е писмена, оти како мала, во нејзиното село немало училиште, а немала каде да престојува, за да се школува во школо во друго село. Како млада мајка, имала можност вонредно да се описмени, но немало кој да и го чува детето, па така, за жал ја пропуштила и таа шанса. Наместо со потпис, се потпишува со отпечаток од прст.

-Пред мене и зад мене родени во моето село Дрен, сите изумреа. Уште само јас останав, воздивнуваше бабичката.

Не е маанџика, не пребендисува јадење. Има болен желудник и затоа голем дел од исхраната и се млечни производи. Има камења во жолчка. За ручек главно манџи, а за вечера домашни супи. Наутро пие пет апчиња, навечер две. Има четири деца, седум внуци и 14 правнуци.

Кога дознав дека како дете чувале кози и редовно јадела матеница, козјо млеко и сирење, а и подоцна чувале кози и секогаш на трпезата имале здрави домашни производи, коментирав, шегувајќи се, дека станува збор за здрава направија, цврст организам формиран со здрава исхрана.

Имала и тешки периоди во животот, особено кога била дете, биле сиромашни, а како млада невеста кога се омажила за сирак, морале да спечалат за да изградат куќа. Низ годините се грижела за домаќинските работи, а одгледувале и земјоделски култури. Уров, слануток, жито. Имале и стока.

Некои долговечни луѓе кажуваат како обичај им е дневно да се напијат чашка вино или ракија за циркулација, како лек. Но, таа не е љубител ниту на едното, ниту на другото. Од млада страдала од желудник и срце и пиела лекарства, па никогаш не пиела алкохол. Никогаш не пушела цигари.

– На петнаесет години бев настината, имав треска и температура. Ми рекоа, напиј се апчиња, но ми рекоа и да пивнам малку ракија и се напив, демек за да ми помине. Дали поради тоа што се измешале апчето и ракијата или којзнае поради што, умот ка ми се замати, не знам кај да одам. Сал ушите ми бучат и викав мајко умирам, умирам, емотивно се присети старицата.

Велат исто така дека смирените луѓе живеат подолго, но таа отскокнува и од ова правило. Нејзините велат дека знае да биде и нервозна, се нервира на неправдини.

Заклучивме дека во овој случај, ниту гените, ниту чашката вино или ракија, ниту смиреноста, немале влијание врз долговечноста. Констатиравме, дека, не залудно рекле дека ако има век, ќе има и лек.

Ни раскажуваше за нејзиниот живот, како постеле. Како за Коледе, исколедарените оревчиња и коштани ги ставале под перница, а нејзиниот брат успевал ноќта да им ги земе, без да го сетат. А нејзините се надоврзаа со приказната како кога била болна од корона, целата пребледела, а златните прстени и станале кафеаво црвени, како да се бакарни. Ја пофалија матичната докторка која во секое време им стои на располагање. Споделија со нас како нејзиниот сопруг починал во една, а го погребале во друга календарска година.

Машала, алал да и е, супер штом и паметот се уште ја држи, велеле по институции, кога ќе здогледале колку години има баба Благородна.

-Знае да ми каже, Господ ме заборави. Мицо, питај ги виа шо умират, како умират така лесно, како и ја да умрам. Ја викам, мамо, како да и питам коа никој не се вратил, да каже, ми откри нејзината ќерка.

За оваа старица, на којашто, ако и го гледате лицето, нема да и дадете старост од еден век, ми кажаа дека не се плаши од смртта. Ако не прогледа и прооди, посакува да умре, за со неа, да не се мачат и другите, да не им биде таксират.

Баба Родна сака лесно да умре, во сон, додека спие.

Дотогаш, таа продолжува да живее во домашна атмосфера, топол дом и многу љубов. Во куќа со поглед кон каменото царство на Демиркаписка клисура и реката Вардар.

И посакав здравје и се договоривме ако судбината и дозволи да го прослави и следниот роденден, да дојдам на торта.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

ЕУ денеска нема да донесе одлука за преговарачката рамка со Македонија

Редакција

И СДСМ на оглас ќе бара кандидати за претседател на државата

Редакција

Девизните резерви на Македонија во јули 4,4 милијарди евра

Редакција