еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

(Галерија) Ковачевски, Петровска, Маричиќ, францускиот предлог… дел од маските на Вевчанскиот карневал

Енергетската и економската криза, војната во Украина, евроинтегративниот процес, спорот со соседна Бугарија и изградбата на автопатот Кичево – Охрид, беа дел од маските кои продефилираа денеска на Вевчанскиот карневал.

Покрај традиционалните зет и невеста, ѓаволи и глупави августи, досетливите вевчанци не заборавија да се пошегуваат и на сметка на премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска (Стани Цаци да те види сала), потсетија на коруптивни скандали.

Дел од дефилето беше и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел со францускиот предлог, антикорупционери, активисти на Анима мунди, кралицата Елизабета, доктор Жан Митрев, готвачот Нусрет, фудбалерот Меси, Мањифико со бендот…

Иако со скршена нога, сепак маскиран во „полицајка“ еден вевчанец продефилира низ поворката, посочувајќи дека 50-години се маскира, но годинава поради состојбата тоа го направил симболично.

– Јас сум вевчанец и мора да сум василичар, ако сакаш да си вевчанец мора да имаш маска, било каква, порача вевчанецот.

По дефилето низ главната улица маскираните го изиграа василичарското оро, пред многубројната публика од државата и пошироко, а меѓу нив и домашни и странски медиуми.

На Карнвалот присустува и лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој како што рече, во Вевчани е да ја продолжи традицијата со Вевчанскиот карневал, со забелешка дека годинешното издание се одржува без поддршка од Министерството за култура.

Градоначалникот Спасе Кочовски пак порача дека карневалот ја отсликува сосотојбата изминатата година прикажувајќи ги негативните состојби во оптеството, со цел во иднина да се коригира.

Преку маските вевчанци испраќаат и силни пораки годината да биде бериќетна, да има среќа, здравје и да се променат негативните работи во општеството. Се верува дека преку маските Василичарите го бркаат злото и прочистени ќе ја дочекаат Новата година, според Јулијанскиот календар.

И како што е добро познато, Вевчанци, кои важат за љубезен и гостопримилв народ, верни на традицијата, до дефилето не откриваат во што ќе се маскираат. По Василичарското оро, зетот и невестата од двете маала ќе ги посетат домовите на вевчанци со благослов за здравје и бериќет во Новата година.

Ноќта пак, придружувани од останатите соселани, одат на Вевчанските извори од каде полнат вода со која прават кашаник (зелник) во кој се става паричка. Кај тој што ќе се падне паричката се верува дека ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година.

Следниот ден, на 14 јануари, на верскиот празник Свети Василиј одат на имендени или по вевчански визити во семејствата каде го има името на светецот. Доцна попладнето во центарот на Вевчани се собираат сите василичари, повторно играат оро и ги палат маските со симболика дека злото нема да се повотри.

Новата година, според Јулијанскиот календар, ќе биде дочекана вечер со спектакуларен огномет во центарот на Вевчани, а присутните ќе ги забавуваат Баклава, Банда Ентопика од Грција, Нино Величковски и Кумановските тамбураши, Некст Тајм и Перо Бели.

Вевчанскиот карневал, кој датира од настанокот на Вевчани, со традиција од околу 15 века симболизира два паралелни света, едниот му припаѓа на паганството, а другиот на христијанството.

МИА/Фото: МИА/Мицкоски/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Претседателски избори: За исполнет цензус треба да излезат 723.253 гласачи

Редакција

Велковска: Компаниите кои се ориентираат повеќе кон луѓето, постигнуваат поголема конкурентска предност

Силвана Жежова

„Ќе беше добро ова да беше сценарио за филм, но за жал ова е реалност“, рече обвинителката Ристоска во завршните зборови за „Таргет-Тврдина“

Редакција