Во пресрет на чествувањето на раѓањето на Гоце Делчев, од денеска до сабота во Скопје ќе има посебен сообраќаен режим.
Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека, од денеска, од 18.00 часот, поради најавениот настан за организирано чествување на раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев на 4 февруари, (сабота) во црквата „Св. Спас“ во Скопје, скопскиот Сектор за внатрешни работи ќе преземе засилени активности и мерки за подигнување на безбедноста околу местото на одржување на настанот, при што ќе се преземат мерки за посебен режим на сообраќајот.
-Притоа, од денеска за сообраќај ќе биде затворена улицата „Самоилова“, на потегот од улицата „Иљо Војвода“ (виадукт Самоилова) до крстосницата со улицата „Прохор Пчински“, а на 4 февруари (сабота) посебен режим на сообраќај ќе се спроведе на улиците „Лазар Личеновски“ и „Самоилова“, соопштуваат од МВР.
Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до сите граѓани да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот со цел безбедност на сите учесници во сообраќајот.