еМагазин
Image default
Македонија

Расправата за реконструкција на Владата продолжува утре

На третиот ден од 104-тата седница, на која точка на дневен ред е разрешување тројца министри, попладнево се полемизираше за политиките на актуелната Влада, која за пратениците на ВМРО-ДПМНЕ е „Пазар 3 коалиција“ и „Купи-продај Влада од денес за утре“.

Реагираа дека премиерот Димитар Ковачевски во експозето не образложил ни една причина за разрешување на министрите, туку зборувал „за европската интеграција и кочничарот ВМРО-ДПМНЕ“.

Според опозиционерите, смената во ресорите што ги имаше Алтернатива е само трговија и затоа што „им поминала употребната вредност“.

-Министерот за здравство Беким Сали, кого сега го разрешувате, е истиот оној министер што го фалевте пред една година… Ако е чесен премиерот, треба да каже и од што е задоволен од оние министри што остануваат во Владата, рече пратеникот Мирче Аџиоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според пратеничката Гордана Силјановска-Давкова, во коалицирањето е важно да има идеолошки политички лепак. Во спротивно, рече таа, ефектите ќе бидат контрадикторни.

– Што ги врзува партнерите во коалицијата? Бизнис-интересите. Во ЕУ се коалицира врз основа на идеологија, а не врз основа на бизнис-интереси. Во Македонија е коалиција секој со секого. Разрешување и именување министри во последната година се прави само за да се поентира или поради некој скандал, во спротивно ова не е пракса, рече Силјановска-Давкова.

Според неа, „крајно некоректен е ваков однос кон коалицијата, особено кон тројцата разрешени“.

– Се плашам дека Алијанса за Албанците (АА) ќе се соочат со истата одисеја како и оние од Алтернатива… , рече Силјановска-Давкова и додаде дека волшебници да се новите министри, за една година не може да се адаптираат, а не да сменат нешто.

Снежана Ванчева-Калеска од СДСМ и реплицираше дека се работи за политички одлуки кои, како што рече, не се носат само на почеток кога се составува Владата и на избори, туку постојано.

– Сè тече и се менува. Владата што ги добила изборите смета дека треба да делува кохезивно, рече Ванчева-Калеска, додавајќи дека во десет години на власт, ВМРО-ДПМНЕ променила десетина министри за образование.

Според Антонио Милошоски, голем сомнеж остава тоа што кандидатот од Алијанса за Албанците (АА) за нов министер за здравство, Фатмир Меџити, е кумашин на лидерот на таа партија, Арбен Таравари и беше претседател на Управникот одбор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) кога Таравари беше министер за здравство на почетокот на оваа Влада. Заради блискост со кумашинот, смета дека „овој случај во најмала рака е непотизам или одреден вид клиентелизам“.

Освен политичка, рече Милошоски, земјава е и во здравствена несигурност, а во изминатите две години сменети се тројца министри за здравство.

-Тоа значи дека како влада немате концепт за здравството, бидејќи концептот меѓу другото се темели и на личноста која што ќе ги води главните проекти во здравството, а овде гледаме дека нема таква личност, додаде Милошоски.

Праша и зошто одговорноста  за смртта на пациентот со цистична фиброза премиерот ја поврзал само со министерот за здравство, а не ја побарал и кај двајцата директори на ФЗОМ, од кои едниот, рече, е 13 дена на службено патување во САД, а Фондот е осум дена со паднат систем.

На потсетувањата од опозициските пратеници какви биле ставовите на Алијанса за Албанците кон ДУИ, со која сега ќе бидат во коалиција, пратеникот на АА, Халил Снопче рече дека „не се пишман“ за тоа што го кажале.

-Не сме пишман за тоа што сме кажале. Не умира нашата кауза, но ќе умре евроинтеграциската перспектива. А ова е клучна година. Со нашето учество во Владата ние даваме надеж за европската иднина на државата, рече Снопче.

Арбер Адеми од ДУИ, пак, кажа дека вратата во владејачката коалиција е отворена и за Беса, Алтернатива и за сите што, рече тој, веруваат во европски вредности и кои ќе учествуваат во создавањето европски фронт.

– За да отвориме ново поглавје на патот на евроинтегрирањето. Ако продолжиме вака, кои се придобивките од статус кво и без решени проблеми? Уставни измени ни се наскоро потребни. Што ќе има лошо ако и Хрватите, Црногорците и Бугарите бидат во Уставот, рече Адеми.

Продолжението на 104-тата седница, на која на дневен ред е разрешувањето министри, ќе продолжи утре во 11 часот.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

СДСМ и ДУИ го предлагаат Зеќир Рамчиловиќ за нов потпретседател на Собранието

Редакција

Казнети 463 граѓани за неносење маски

Редакција

Антикорупциска ќе отвори предмет за куќата на мајката на сопругата на претседателот на ДИК на Халкидики

Редакција