Tриглав Осигурување АД Скопје заклучно со 31.12.2022 година оствари нето добивка од работењето во износ од 40,5 милиони денари, која е за 12 милиони денари повисока од истиот период минатата година, соопштија од Друштвото преку Македонската берза.
-Нето приходите од премија за 2022 година изнесуваат 1.026 милиони денари, што претставува зголемување во однос на 2022 година за 15,8%, односно за 140 милиони денари.
Гледано аналитички, причините за растот се: раст на бруто премијата за 185 милиони денари, што делуваше позитивно на нето приходите од премијата, раст на премијата предадена во реосигурување и соосигурување за 48 милиони денари, што делуваше негативно на нето премијата, промената во нето резервите за преносна премија, во споредба со 2021 година, влијаеше позитивно за 3,4 милиони денари.
Приходите од финансиски вложувања изнесуваат 57 милиони денари и се за 10,8% повисоки од 2021 година. 72% од овие приходи се однесуваат на камати, а 6% се однесуваат на приходи од наемнини.
Останатите приходи од вложувања главно произлегуваат од реализирана наплата на заем кој беше под исправка на вредност (9,9 милиони денари), што е и главна причина за растот на финансиските приходи.
Приходи по основ на провизии од реосигурување изнесуваат 91 милиони денари и се повисоки за 11 милиони денари, односно за 14% во однос на 2021 година, во согласност со растот на премија предадена во реосигурување.
Oстанатите осигурителни приходи, како и останатите приходи се минимално зголемени во однос на 2021 година, односно вкупно за 1,4 милиони денари.
Нето расходите за штети се во износ од 567 милиони денари и се за 97 милиони денари (21%) повисоки од минатата година. Гледано аналитички, причините за растот се: раст на бруто ликвидираните штети за 57 милиони денари, што делуваше негативно на нето раходите за штети, пад на бруто ликвидираните штети под реосигурување за 13,6 милиони денари, што делуваше негативно на нето раходите за штети, промена во нето резервите за штети во споредба со 2021 година, влијаеше негативно за 26,6 милиони денари.
Останатите технички резерви се за 0,2 милиони денари, намалени поради намалените резервации за менаџерско осигурување (дел од Класата 1 – Осигурување од незгода).
Трошоците за бонуси и попусти изнесуваат 33,2 милиони денари и се минимално зголемени за 0,1% во однос на минатата година, a каде што најголем износ на попусти (14 милиони денари) отпаѓа на осигурување на моторни возила.
Нето трошоците за спроведување на осигурувањето во деловната 2022 година изнесуваат 468 милиони денари, што претставува раст од 6% или 26,5 милиони денари во однос на истиот период претходната година.
Најголемо влијание за растот имаше позицијата „трошоци за провизија“, која е значајно зголемена согласно растот на бруто полисираната премија, како и фактот што од годинава се пресметува на база на фактурирана, а не на наплатена премија.
Трошоци од вложувања се во износ од 0,9 милиони денари и претставуваат намалување од 44% во однос на минатата година. Намалувањето се должи на тоа што минатата година придруженото друштво Триглав Живот имаше остварена загуба за годината, додека оваа година работи со добивка.
Останати осигурително технички трошоци се во износ од 65 милиони денари и ова претставува пад од 4% (2,4 милиони денари), а најголемо намалување има кај штетите за непознати и неосигурени возила (Гарантен фонд).
Вредносно усогласување на побарувањата е зголемено за 11 милиони денари. Зголемувањето е резултат на низа фактори како енергетската криза, инфлацијата, руско-украинскиот конфликт, итн., а кои допринесуваат кон пролонгирање на наплатата на доспеаните побарувања, велат од Друштвото.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
A1 Македонија заедно со Триглав Осигурување: Со A1 Combo за прв пат и осигурување на домот