еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Насилниците ја губат силата кога гледаат дека има кој да ви помогне, вели жртва на семејно насилство

Жртва на семејно насилство, во разговор за „еМагазин“ открива како почнала да биде малтретирана, преку какви форми, каква била поддршката од нејзините најблиски, и кога се одлучила да побара помош.

Идентитетот е познат на редакцијата, но истиот ќе остане заштитен заради безбедносни причини.

Каква форма на насилство трпевте и колку време бевте жртва?

-Насилството започна пред 17 години откако го родив првото дете. Прво почна со навреди и омаловажувања, ама после почна и одвреме на време да ми удира по некоја шлаканица, ама се си викав ништо не е, нервозен е ќе му помине.

Кога решив дека сакам да ставам крај, почнав да читам за семејното насилство и сфатив дека сум трпела и економско. Пред да стапиме во брак, работев по струка и бев финансиски независна, но отпосле почна да не ми дава да работам. Прво мислев не сака да се мачам, дека се грижи за мене, тој примаше стварно убава плата. Касно разбрав дека сакал да ме направи зависна од него, за никогаш да не си отидам.

Како се одлучивте за да побарате помош, што беше пресудно?

– Помалата ќерка кога имаше 11 години еднаш ми рече: “Зошто си ме раѓала за овој човек да ми биде татко? Зошто сакаш и јас да живеам тажен живот како твојот?“ Тие зборови многу ме погодија и на некој начин можам да кажам дека ме соочија со реалноста и ме натераа да соберам храброст за да побарам помош.

Дали вашите најблиски (родители, пријатели) беа запознаени со она што ви се случуваше и дали имавте нивна поддршка?

– Мислам дека повеќето претпоставуваа што може да ми се случува, но никој никогаш не ме праша, а јас на никого не се доверив. Дури откако со децата си отидовме од дома му кажав на татко ми, зошто си отидов и го молев да не прими кај него.

Прво не сакаше да ми верува кога му кажав, зошто си отидовме од дома. Ми викаше како така јас да те примам при здрав и прав маж дома, што ќе кажат комшиите, знаете она македонското… Ама децата имаа слики што ме сликале со модрици еднаш кога ме претепа и му ги покажаа и тогаш се расплака и ми поверува. Не му беше лесно да прифати, ама ни даде помош колку можеше.

Дали имате институционална поддршка?

– На почетокот ми беше тешко да комуницирам со Центарот, имав чувство како да сакаат само да ме откачат. Јас бев тазе замината од дома и бев исплашена, они ми кажуваа за некакви одлуки, решенија за децата дека се со мене дека треба да ми дадат, ама никако не ми ги даваа.

Неколку пати се случи сопругот да дојде кај татко ми пред врата и да тропа, ама среќа седевме цело време заклучени па немаше како да влезе. Викав тогаш полиција, од таму доаѓаа, не дека не, ама ми викаа штом не ве малтретира немаме што ние да направиме, сигурно сака и он да си ги види децата.

Бев многу исплашена, никогаш од дома не излегувавме сами со децата, секогаш гледавме татко ми да е со нас, колку толку да не заштити ако не начека овој на улица. Цело тоа време комуницирав со „Надеж“, од таму ми даваа сила да го поминам цел тој процес додека чекам да се донесе одлука. За месец дена – два се донесоа сите потребни одлуки и решенија. Тогаш се почувствував како да ми падна цела карпа од срцето.

Каква поддршка и помош добивате од Кризниот центар „Надеж“?

– Во „Надеж“ прво кога се јавив на линијата сакав да останам анонимна. Сакав само да се распрашам кои се моите права како жртва и како можат да ми помогнат. Убаво ме сослушаа на телефон и ми кажаа каде се треба да пријавам, дури ми понудија они да пријават во Центарот за социјални работи со испраќање на некаков допис ама јас не бев сигурна дали сакам.

После неколку дена пак се јавив анонимно, а они веќе знаеја за мојот проблем кога почнав да зборувам. Пак ме сослушаа и беа многу фини, ме уверуваа дека никој не заслужува да живее во насилна средина. Зборував и со правник и со психолог, правникот ми ги кажа правата што ги имам според закон и се сеќавам дека ми зборуваше за некакви мерки за заштита, а психологот ми помогна да направиме безбедносен план за во случај да решам да си отидам од дома.

Кога конечно решив дека сакам да го пријавам сопругот и дека ќе си отидам ми требаа неколку дена да добијам сила за официјално да пријавам па пак се јавив во „Надеж“. Тогаш им го открив и мојот идентитет и побарав да пријават во мое име до Центарот. Другиот ден одма ме побараа од Центарот и ме повикаа на разговор.

Дали денес се чувствувате безбедно?

– Помина цела година откако со децата си заминавме од насилниот дом. Откако беа донесени сите потребни одлуки и решенија можам да кажам дека се чувствувам посигурно но ми се случува да се приметам самата како одам по улица и се вртам наоколу да не случајно налетам на сопругот, иако тој ни се нема доближено од тогаш. Излезе дека бил силен само со мене, а ја нема истата сила кога се умешани и други луѓе кои ми помагаат.

Кој е вашиот совет/апел до сите оние кои трпат насилство?

– Животот е само еден и никој не треба да живее секој ден во страв дали денес ќе биде истепан или не. Бидете гласни и зборувајте за насилството, не дозволувајте да бидете изолирани. Насилниците ја губат силата кога гледаат дека има кој да ви помогне.

СОС линијата 15 315 на Кризен центар „Надеж“ е 24 часа достапна за пријави

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Насилство трпат и жени кои оставаат впечаток дека ништо не им недостасува, вели Ацевска од Кризен центар „Надеж“

Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Две лица уапсени за киднапирањето на внукот на Љубе Бошкоски, Обвинителството побара притвор

Редакција

Бензините поевтинуваат, дизелот поскапува

Редакција

Кривична за полициски командир во Виница, не дозволил да биде казнет возач на автобус

Редакција