Претседателот на Собранието, Талат Џафери, синоќа беше домаќин на традиционалната ифтарска вечера по повод светиот месец Рамазан.
На вечерата, покрај премиерот Димитар Ковачевски, присуствуваа и потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, координатори, пратеници и претставници на политичките партии, како и Реис ул Улемата на Исламската верска заедница, Х. Хфз. Шаќир еф. Фетаи, поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан и католичкиот бискуп, Монсињор Д-р Киро Стојанов.
-На вечерата се следеше вообичаениот ифтарски протокол на кој што се веќе навикнати и претставниците на другите верски заедници, а токму тие различни ритуали и придаваат на оваа вечера необична убавина и духовна сплотеност.
Седнувањето на сите гости на заедничката трпеза, и тоа како има моќ на обединување, а воедно е и одличен пример кој што треба да им биде показател на сите граѓани дека заедно можеме, и да гладуваме, и да јадеме, и да се насмееме и да си ги споделиме тешкотиите. Токму така како што правеле и нашите предци на овие простори.
Иако времетраењето и начинот на постење се разликува со тоа што Велигден е неколку дена пред Рамазан Бајрам, сепак има доволно време за и православните, и исламските и католичките верници да се прочистат физички и духовно, да ја демонстрираат солидарноста и сочувството на дело, да споделат убави мисли и пораки на взаемна почит и разбирање, со еден збор, да станат подобри луѓе за себе и за сограѓаните.
Тоа беше и пораката што ја упати претседателот Џафери посакувајќи им на присутните гости добро здравје, душевен и семеен мир и благосостојба, информираат од Собранието.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Фото) Премиерот Ковачевски организираше ифтарска вечер
(Фото) Мицкоски приреди ифтарска вечера за членовите и пријателите од исламска вероисповед
Фото: Собрание