еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Поствелигденско послание на митрополит Наум: Имаме 99,5% крстени номинални христијани кои не ни одат во Црква

Пост Велигденското послание на митрополит Наум, Ви го пренесуваме во целост:

„Што има ново со нашата Црква? Барем ништо од тоа за што некои се „загрижени“! Никој од нас досега официјално не побарал промена на уставното име на нашата Црква, никој не ја побарал нашата црковна диjаспора, никој не побарал промена на нашиот црковен календар, никој не побарал ставропигиjални манастири во наша јурисдикција, никој не ја повредува на никаков начин нашата автокефалност; знаат сите дека, ако беше побарано, сигурно ќе се дознаеше.

Иако, разбирливо е дека празнината од отсуството на умно-срдечната молитва, или послушанието, мора да се пополни со некаква грижа или опседнатост за што било друго.

Загриженоста врз основа на претпоставки е „судбината“ на сите што страдаат од невроза. Јавен говор и дела на омраза, врз основа на само претпоставки, се плодови на растроената личност, односно на опседнатите социопати.

Значи, никој ништо не побарал од нас – од тоа што набројав, ниту ние, ако некој побара такво нешто, од пастирски причини, можеме да прифатиме – мислам дека сега би требало да им е јасно на сите; тоа им беше јасно и досега на сите лојални и разумни верни.

Напротив, после 55 години црковна одвоеност, најпрво Вселенската Патријаршија, а потоа и останатите Помесни Православни цркви, љубовно нѐ прифатија во Евхаристиска Заедница, за што им должиме само благодарност; и тоа е најважно. Со други зборови, ние сме автокефална Помесна Православна црква со Устав што го потврдува истото од 1967 година – кој единствено важи за нас, додека останатите Помесни цркви сега само наоѓаат соодветен канонски начин да воспостават Евхаристиска заедница со нас, преку свои акти. Мислам дека и ова е многу јасно.

Не можеме на туѓи административни акти да им придаваме поголемо значение од љубовното – ние си имаме наш важечки Устав, а посебно не е нормално да се расправаме меѓусебно поради нив. Ако се сеќавате, веднаш лани, после заедничкото сослужување со СПЦ во Скопје, го напишав тоа: „не ѝ требаше на нашата Црква никаква автокефалност или, пак, автономија, туку љубов“; додуша, и ним им требаше истото.

Светиот Синод на МПЦ – ОА, Јустинијана Прва, се раководи само согласно својот Устав, активно ја чува својата Апостолска, Соборска, Светоотечка и Православна вера во Богочовекот Исус Христос – непроменета, и се грижи за единството на сите во Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква – според своите сили и колку што зависи од нас.

Не заземаме ничија страна, не сме ничиј привезок, не сакаме да бидеме причина за поголем меѓуправославен раскол, не правиме идол од ништо, си имаме потполно своја црковна политика и карактеристични црковно-пастирски интереси, но многу добро знаеме и кој е Прв по чест во Православната Црква – согласно одлуките на Вселенските Собори, како и која е нашата моментална геополитичка позиција.

Во координација сме со сите релевантни фактори во државата – што се однесува до актуелнава тема; нормално. Војната што се води против нас од надвор е суптилна, но од никого и од ништо не се плашиме. Непотребните наши внатрешни борби на суети се знак за духовна незрелост и отсуство на мисија меѓу луѓето; тие се и откривање на нашите слабости. Никому ништо не можеме да му наметнеме, ниту пак сакаме; ниту пак некој може нам да ни наметне. И, кој сака, може да остане со нас, кој не сака – што да правиме…

Се залагаме за нормално, здраво и праведно општество за сите граѓани, а сме против сите настраности од секој вид; да, сѐ ни е дозволено, но не ни е сѐ од духовна полза. Гревот го мразиме, а грешникот и непријателот напорно се трудиме да ги љубиме.

Ако за нешто треба сите да се загрижиме – доколку сме нормални, тоа е следново: прво и најглавно е дека сите треба да пораснеме низ степените на духовниот развој, од очистување на срцето од страстите, преку просветлување на умот, па сѐ до обожение, а знаеме каде сме повеќето – во религиозна невроза или во растројство на личноста; и второ, имаме 99,5% крстени номинални христијани кои не ни одат во Црква, токму поради незрелоста и внатрешните борби на суети кои ги гледаат кај нас јавно, односно поради отсуството на Христовото сведоштво во нас – и за чии души сме апсолутно виновни.

Еве ни поле за загриженост – и тоа многу голема, како и за работа – и на лично и на општествено ниво, и еве како можеме да бидеме навистина корисни за Црквата. Еве и како се чува и верскиот и националниот идентитет.

Ама, од една страна, за тоа е потребна голема лична жртва и одрекување од „нормалниот“ живот, а од друга страна, полесно е некој друг да е виновен, полесно е да ги исправаме црковните проблеми на социјалните мрежи и да лечиме индивидуални фрустрации, полесно е да се собираат политички поени на грбот на Црквата, и полесно е поради привремен популизам и лажен патриотизам да изгубиме нешта кои се суштински важни за нас – како што неколкупати веќе изгубивме, односно полесно е сѐ отколку аскетско-исихастички подвиг и работа на самите себе, како и на своето бездетно семејство. Тоа е; сѐ што треба знаете… и повеќе од тоа…

Здравје, живот, утеха, духовен разум, мир, љубов и радост им пожелувам на сите! Христос Воскресе! Единственото секогаш ново во овој свет“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Послание на г.г Стефан за Велигден: „Да се чуваме од меѓусебни поделби, коишто водат до нарушување на нашето сенародно единство“

Извор/фото: тивериопол.мк/Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

ПОРТРЕТ: Мила Царовска, од активиска до вицепремиерка за економски прашања

Редакција

Кој е Насер Зибери, кандидатот на ДУИ за прв премиер Албанец

Редакција

Од 31. октомври до 2. ноември “Виноскоп“ во Скопје, ќе се престават над 30 винарии

Редакција