Во Основниот суд 2 во Скопје денеска со подготвително рочиште започна судскиот спор во кој министерката за одбрана Славјанка Петровска го тужи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки за клевета и нарушување на угледот.
Таа побара оштета од околу 10.000 евра, а како што изјави по рочиштето парите ќе ги донирала, оти немала намера да задржи пари од нечесни луѓе.
Уверена е дека судската постапка ќе докаже оти вистината е на нејзина страна и дека Ковачки свесно шири лаги за да го наруши нејзиниот углед.
-Доказите кои ги презентиравме денеска пред судот во рамки на подготвителните рочишта се најголемите докази коишто ја потврдувваат вистината којашто јас ја зборувам, а оскудните докази кои ги презентираа од страна на тужената страна, покажуваат со каква несериозност пристапиле кон сето ова и дека единствената цел, како што кажа мојот адвокат, била да се наруши мојата чест и мојот углед и да се попречам во извршувањето на мојата работа.
Доказите ќе ги доставиме до судот и уверена сум дека судот ќе ја види вистината. Сите оние шпекулации за наводно бришење на податоци од Катастар и така натаму, се само дополнителна замка во којашто тужениот сам влегува, меѓутоа тоа го оставам на неговата совест, којашто е очигледно каква е во овој случај. На моја страна е вистината и таа ќе излезе на виделина, изјави Петровска.
Ковачки пак изјави дека министерката манипулира за нејзината психичка состојба врз основа на што бара оштета.
-Гледате дека таа самата има доставено едно мислење односно вештачење од психијатар специјалист со кое што сака да ја манипулира јавноста, односно за својата емотивна и психолошка состојба.
Гледате дека и самиот премиер кажа дека тоа вештачење е за потребите на судот, но не и за потребите воопшто за во текот на работењето. Јас ценам дека тоа не би требало така да биде, изјави тој.
Ново рочиште е закажано за 20. јуни.