еМагазин
Image default
Балкан ТОП СТОРИИ

(Видео+фото) Србија уапси тројца косовски војници: Белград тврди дека биле на српска територија, Приштина дека биле „киднапирани“

„Специјалците на Курти беа длабоко на територијата на централна Србија, нашата полиција не ја помина административната линија ниту милиметар“, изјави директорот на владината Канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, на вонредна прес-конференција.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Петковиќ посочи дека Србија е подготвена да ги понуди сите докази и повика да се отвори меѓународна истрага доколку е потребно.

„Припадниците на специјалните единици на српската полиција уапсија тројца вооружени косовски специјалци на територијата на централна Србија. Сите тројца биле вооружени со автоматско оружје и со целосна воена опрема со ГПС уреди, мапи и друга опрема“, соопшти претходно МВР.

„Антитерористичката единица на српската жандармерија лоцираше и уапси тројца припадници на специјалната полиција на Курти кои беа вооружени до заби“, рече Петковиќ.

„Оваа терористичка банда е уапсена денеска во 12.38 часот длабоко на територијата на централна Србија во атарот на селото Гњилица во општина Рашка“, кажа Петковиќ.

Тој истакна дека припадниците на српската полиција „не стапнале на територијата на Косово и Метохија и не ја прекршиле ниту резолуцијата 1244, ниту Воено-техничкиот договор, бидејќи не ја преминале административната линија“.

„Тие што ги прекршија овие меѓународни договори се токму овие албански терористи, припадници на косовската полиција“, рече Петковиќ.

„Ние сме апсолутно подготвени да ги понудиме сите докази и да побараме да се отвори меѓународна истрага, доколку е потребно, дури и Американците и Британците да ги достават своите сателитски снимки за да може јасно да се види она што го кажуваме, а тоа е дека Српската полиција не премина ниту еден милиметар административни линии“, рече Петковиќ.

Тој посочи дека „не се работи за никакво киднапирање, како што тврди косовскиот министер за внатрешни работи, Џељаљ Свечља, туку српската жандармерија го спречила опасниот план на терористите кои со опасна намера заминале во централна Србија“.

“Што бараат со оружје, мапи, ГПС, длабоко во централна Србија и во шума? Тоа ќе го утврди истрагата“, рече Петковиќ.

Приштина ја обвини Србија дека киднапирала тројца косовски полицајци на нејзина територија

Полицијата на Косово (ПК) објави дека тројца нејзини припадници денеска околу пладне биле киднапирани од маскирани лица од Србија, на еден од патиштата во северно Косово, на меѓудржавната граница, што се користи од српски криминални групи за нелегален премин и шверц од Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според соопштението на ПК, киднапирањето се случило во месноста Тресава/Баре, каде што тројцата полицајци биле на должност на тамошниот статичен пункт.

Полицајците јавиле во полициската централа дека забележале маскирани и вооружени лица, а кога на местото на настанот пристигнале дополнителни единици на КП, таму било пронајдено службеното возило, но не и полицајците.

– Во правец на локацијата веднаш се упатија другите полициски единици, а се информираа и останатите безбедносни институции, вклучително КФОР, бидејќи има сомневања дека полициските службеници се киднапирани од српските сили.

Со цел да се преземат конкретни дејствија за безбедноста на полициските службеници за кои има сомневања дека се киднапирани од српските сили, контактирани се сите домашни и меѓународни механизми за истите што поскоро да се ослободат и да се вратат во Полицијата на Косово, се вели во соопштението.

Медиумите во Белград тврдат дека косовските полицајци се уапсени на српска територија, при што објавија и фотографии од апсењето на униформирани лица кои се наводно косовски полицајци.

Приштинските медиуми, пак, напоменуваат дека денешниот инцидент се случи ден откако во Северна Митровица беше уапсено лицето Милун Миленковиќ – Луне, за кого се вели дека е еден од водачите на нелегалната организација, поддржувана од Белград, позната како „Цивилна заштита“ и организатор на нападите врз припадниците на КФОР и косовската полиција за време на неодамнешните протести на косовските Срби во Звечане.

МИА/Фото: Српско МВР/МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Ќерката на премиерот кај Папата Франциск во креација на Тања Кокев

Редакција

Расте бројот на граѓани и фирми кои се на Листата на должници на УЈП

Редакција

Браво: Нема веќе политички огласи на Твитер

Редакција