Лично не прифаќам дека нашата земја е задоволна да реагира на најформален можен начин на нападот врз Бугарин во Струга, изјави денеска на новинарите во Варна бугарската потпретседателка Илијана Јотова. Таа изрази изненаденост што МНР се задоволило само со тоа да го повика амбасадорот на Македонија и да има нота, пренесува бугарската агенција БТА.
Јотова изрази став дека е дојдено време да се одржи средба на највисоко ниво меѓу двете влади, бидејќи без разлика на францускиот предлог и на тоа што Бугарија се согласила, нема развој во односите. Заедничката историска комисија практично е блокирана, не работи и ништо од првично договореното не е спроведено, посочи бугарската потпретседателка.
Според неа, се фокусиравме на текстот што треба да се промени во Уставот на Македонија, а забораваме на потпишаните заеднички протоколи. Во нив се зборува за учебници, историски датуми, настани и личности, за отворање на досиејата каде треба да се прочита сета антибугарска активност, потсети Јотова.
Таа нагласи дека наместо реални резултати и основно почитување на Договорот за добрососедство, Бугарите во Македонија, кои немаат причина да се срамат што се такви, се тепаат. Не се осмелувам ни да помислам дека новата бугарска влада ќе отстапи од веќе воспоставената бугарска позиција, рече уште Јотова.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кој стои позади бугарскиот клуб „Шемето“, чиј копретседател, Кадриески, беше натепан
Според неа, тоа би значело национално предавство.
Во Варна денеска потпретседателот на Бугарија учествуваше на состанокот на клубовите „Млади преродбеници“ од североисточна Бугарија. Домаќин на настанот организиран од Себугарскиот комитет „Васил Левски“ беше Првата јазична гимназија во приморскиот град.
Јотова сподели дека со големо задоволство го презела покровителството на иницијативата за младите бугарски преродбеници кога ја презеде функцијата во 2017 година. Таа им честиташе на сите кои се занимаваат со клубовите и ги учат децата не само вистинска љубов кон Бугарија, туку и бугарска историја.
За жал, има доволно обиди, не само надвор од државата, туку и овде, кај нас, да се препише бугарската историја, а тоа се прави со конкретна цел, посочи Јотова.
Според неа, „нашето минато е тоа што е и мораме да ги научиме младите да ја знаат нашата историја за да можат да ја бранат и заштитат, и надвор, кога другите земји – од конјуктурни, политички, глобални причини – се обидуваат да ја украдат“.
БТА/МИА/Фото: Јотова/Фејсбук