Премиерот Димитар Ковачевски денеска во одговор на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама рече дека ја поддржува оценската мисија што Европската Унија ја најави за работата на Судскиот совет.
-Не е првпат да има оценска мисија од страна на Европската Унија, имало во минатото. Ова е тема на која јас со евроамбасадорот Дејвид Гир имам разговарано пред една и пол година, со оглед дека нашиот судски систем е независен од Владата, е независен од било кого во светот, кажа Ковачевски.
Потсети на реформите во судството, каде на почетокот судиите беа бирани во Парламент, па имаа мандати, па потоа се премина на друго решение, и на крај, вели, сега имаме решение во кое судиите имаат доживотен мандат, се бираат од страна на судски совет, како независно, стручно тело кое има свој интегритет, и оценката за нив повторно ја даваат повторно судии од Судски совет.
Ковачевски повтори дека тоа е тело кое само се бира, само се оценува и самото дава анализа што направило.
Од првиот ден кога станав премиер додаде тој, сметав дека такви системи често пати знаат да имаат подруга слика за себеси од тоа што има јавноста на која и служат.
-И затоа добро е што во рамките на соработката што ја имаме со ЕУ, сега ќе можат да организираат процес на една таква мисија за да ги проверат сите информации во врска со функционирањето на судскиот совет и потоа да ги споделат и со Европската комисија и со нашите политички актери кои немаат субординација врз судството, и врз основа на тоа да бидат предложени соодветни реформи што ќе ја унапредат работата на правосудните органи во државата. Така што, ако ме прашувате конкретно дали ја поздравувам – ја поддржувам, вели Ковачевски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Европската Унија испраќа оценска мисија во Скопје за работата на Судскиот совет
МИА/Фото: Влада