еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Блупринт групата за реформи во правосудството загрижена за измените на Кривичниот законик

Блупринт групата за реформи во правосудството изразува сериозна загриженост во однос на предлог законот за измени на Кривичниот законик по скратена постапка, што кон крајот на август 2023 година Владата го поднесе до Собранието.

„Бараме од пратениците во Собранието да се впуштат во подлабинско елаборирање на потребата од ваквата измена пред да пристапат кон понатамошниот процес. Ја повикуваме и експертската јавност да се произнесе за овие предлог измени и за евентуалните последици кои истите би ги имале во пракса,“ се наведува во реакцијата од Блупринт групата за реформи во правосудството.

Во Блупринт групата на граѓански организации се Македонско здружение на млади правници (МЗМП), Институт за европска политика (ЕПИ), Институт за човекови права (ИЧП), Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС), Хелсиншки комитет за човекови права и Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА).

Како Блупринт група на граѓански организации која со свој претставник учествува во работната група за изработка на нов Кривичен законик, се наведува во реакцијата, не се согласуваме со ваквиот пристап, да заедно со измени кои неспорно се неопходни и потребни (на пример воведувањето нови кривични дела против животната средина) да поминат незабележани решенија кои уште повеќе ќе ја намалат довербата на граѓаните во правосудството.

„Овие предлози ниту се предложени, ниту дискутирани на работната група за изработка на нов Кривичен законик,“ стои во реакцијата.

Предлозите за кои реагираат се однесуваат на казните на неколку кривични дела, односно за значително намалените казни за различните облици на кривичното дело од член 353 – „Злоупотреба на службена положба и овластување“, со намалување на казната од најмалку три години затвор на казна од една до четири години затвор, како и членот 394 – „Злосторничко здружување“ со намалување на казната до 10 години на казна до три години.

Блупринт групата посочува дека последиците што можат да настанат од вакви интервенции во законот ќе бидат погубни во борбата против организираниот криминал и корупцијата и ќе ја зголемат и така големата неказнивост за сторителите на овие дела.

„Покрај праќањето порака дека ова дело не е помалку општествено штетно од претходно (што се прави со намалувањето на казната) тоа ќе има влијание и преку намалувањето на рокот за настапување на апсолутна застареност.

Ова од причина што, пресметувањето на роковите за застареност е директно поврзано и зависи од видот и висината на пропишаната казна за одделно кривично дело, без разлика дали станува збор за застареност на кривичното гонење или пак на извршувањето на казната.

Следствено на ова, предложените измени во Кривичниот законик неспорно ќе имаат влијание и врз судбината на судските постапки иницирани од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), а кај кои што постои опасност од настапување на апсолутна застареност, односно предметите со работен наслов: „Титаник“, „Таргет/Тврдина“, „ТНТ“, “Титаник 2“, “Трезор“, „Талир“, „Шпански скали“ и “Траекторија“.

Исто така би сакале да потенцираме дека одделението за организиран криминал и корупција и останатите кривични оддели имаат речиси идентична казнена политика по однос на изрекувањето на санкции иако во одделението за организиран криминал и корупција тежината на кривичните дела е значително поголема со оглед на видот на истите.

Во таа насока, нејасна е потребата од дополнително намалување на санкциите за овие дела, имајќи предвид дека и со сегашните предвидени казни за овој вид дела, се изрекуваат значително ниски казни,“ појаснуваат од Блупринт групата.

Укажуваат и на тоа дека Уставот, иако забранува ретроактивна примена на прописи, прави исклучок доколку подоцнежниот пропис е поповолен за граѓаните.

„Со други зборови, лицата кои ги сториле овие дела во последните 10 до 15 години ќе имаат непосредна корист и ќе избегнат кривична одговорност. Со оваа политика, оценуваат, ќе се зголеми недовербата на граѓаните бидејки ефектот од истата е уште поголема неказнивост на сторителите на кривичните дела кои засегаат во сферата на јавниот интерес (корупција, организиран криминал, итн.),“ се додава во соопштението.

Од Блупринт групата посочуваат дека во достапните материјали во однос на предлогот, се наведува потреба од усогласување на КЗ со меѓународни стандарди и посебно со актите на ЕУ. Меѓутоа, велат, во предлог текстот на законот, не е воопшто наведено зошто се намалуваат казните и кои се стандардите поради кои се предлага намалувањето.

Според нив, не се спомнати и оценети двете спорни одредби. Дополнително, во предлог текстот на законот како образложение е наведено дека постојат ургентни прашања, кои се појавиле во меѓувреме.

За нив, подвлекуваат, се смета дека е целисходно да бидат регулирани за пократок период, бидејќи во секој случај веќе подолг временски период се изработува нов КЗ, што е окарактеризиран како обемен и сложен процес. Кои се овие ургентни прашања не е познато.

„Сакаме да истакнеме и дека во 2018 година во постапка за усогласување на Кривичниот законик со Истанбулската конвенција беше извршено намалување на казните за определени кривични дела со што се овозможи во дел од предметите иницирани од СЈО да се изречат помали казни, вклучително и условни осуди, како на пример во предметот „Труст“.

Дел од граѓанските организации и во тој период јавно реагираа и бараа предлогот да биде повлечен од собраниска процедура, меѓутоа тоа не се случи, а веднаш по донесувањето на конкретните измени истите имаа веќе ефективно влијание во гореспоменатиот предмет, стои во реакцијата.

Предупредуваат дека со ваквото намалување на пропишаните казни, а имајќи ја предвид исклучително тешката и сериозна моменталната состојба во државата во поглед на справувањето со организираниот криминал и корупцијата, навистина е дискутабилно дали во иднина ќе може да се постигне во прв план специјалната, а потоа секако и генералната превенција.

„Дотолку повеќе што, остварувањето на превентивната цел со казнувањето, било да станува збор за едниот или другиот вид на превенција, првенствено зависи од видот и висината на пропишаната казна, односно нејзината пропорционалност со тежината на стореното кривично дело,“ предупредуваат од Блупринт групата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Поблаги затворски казни за функционерите: Измена по скратена постапка на Кривичниот законик

Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Пожар кај Катланово се спушта кон автопатот, се препорачува внимателно возење

Редакција

Нови 554 случаи со Ковид-19 од 3.477 тестирања

Редакција

„Народни изедници“: Милчин за предлогот за 5 потпреседатели на Собранието

Редакција