Грижата за вработените е еден од главните предуслови, за една компанија да работи успешно, да владее здрава работна средина, да се вади најдоброто од кадарот и притоа да му се возвраќа на најдобар начин.
Компаниите имаат различни начини како го постигнуваат тоа, а несомнено еден од „поуспешните рецепти“ е организирање на тим-билдинзи и дружење на вработените надвор од работното време.
Доколку тоа се прави во природа, каде што се има за цел да се планинари, да се прават различни спортски активности, тогаш бенефитот е двоен, бидејќи вработените се учат и насочуваат кон здрави животни навики, кои несомнено влијаат и врз квалитетот на работењето.
А како тоа го прави компанијата Малиќи груп, за еМагазин разговаравме со Томче Алексовски, специјалист за регрутација и развој на таленти во оваа компанија.
На кој начин компанијата Малиќи груп се грижи за своите вработени, и што е она што надвор од работното време го прави за нив?
– Малиќи груп е корпорација која брои 500 вработени и опфаќа 12 компании кои делуваат во Македонија, Косово, Албанија, Хрватска и Германија во 5 различни индустрии како трговија, недвижности, хотелиерство, производство и градежништво.
Имајќи ја во предвид комплексноста на менаџирањето и водењето на ваков вид на корпорација, многу важен елемент од целиот процес се вработените кои се неопходни за успех. Оттаму како групација нашата грижа за вработените, нивната мотивираност, исполнителност и задоволство од работата се нашите приоритетни цели.
Освен, работните услови и бенефициите, главен дел од она што го правиме за нашите вработени е вложување во нивната мотивираност преку организација на разни настани надвор од работното место, претежно рекреација и дружба каде во релаксирана атмосфера вработените можат меѓусебно да се запознаат подобро, но и да разменат искуства во однос на работата директно со останатите колеги.
Колку тим-билдинзите се честа пракса на компанијата, и која е целта на ваквиот тип на дружења на вработените надвор од работа?
– Се трудиме тим билдинзите да бидат почести и секогаш поразлични. Важно е да вклучуваат разни активности и содржини со цел да ги реализираме очекувањата на колегите и секој да може да се приклучи. Целта е да оствари повисок степен на соработка, вмрежување и чувство на припадност кон нашата групација.
Секој поединец е вклучен и многу е важно да се почувствува како неопходен дел во заедницата каде што работи, а една од алатките за да се дојде до оваа цел, се ваквите дружби. Вработените треба меѓусебно да комуницираат и неофицијално, опуштено и другарски.
Дали преку тим-билдинзите, се подобруваат работната атмосфера во компанијата, тимската работа помеѓу колегите, лојалноста? Какви се впечатоците на менаџментот?
– Секако, на ваквите настани сосема е различен аспектот на комуникација на вработените, за разлика во работното опкружување, па оттаму вработените имаат можност повеќе да се запознаат во една по опуштена атмосфера, да споделат искуства и од приватниот живот, со што се доаѓа до поголема поврзаност, лојалност едни кон други и кон организацијата и до поголем степен на тимска работа и посветеност
Избирајќи тим-билдинзи во природа, преку посета на одредени планински локации, дали целта е промоција на здравиот начин на живот како и стекнување на планинарењето како навика и начин на живот?
– Брзиот начин на живот е дел од секојдневието на секој од нас, па така не секој има можност покрај приватните обврски да се организира и да посвети повеќе време на себе. Овој вид на тим билдинзи е всушност смислен за и покрај тоа што вработените се на пикник дружба или планинарење со колегите од работа, покрај вмрежувањето и дружбата да имаат и личен бенефит а тоа е подобрување на расположение, кондиција и општото здравје
Под мотото „Clean and Green“ се организираше тим билдинг во Кучково, колку присутни имаше и какви се впечатоците од целата организација, имајќи предвид дека освен посетата на водопадот, имавте организирано пикник и спортски активности?
-Присутни беа сите колеги кои можеа да си дозволат слободно време да го поминат со колегите. Радува фактот што на овие корпоративни настани секогаш се вклучуваат и колегите кои не работат само во Скопје. Впечатоците од тим-билдингот во Кучково беа одлични и искрено од колегите имавме многу добар фидбек.
Настанот во Кучково беше добро осмислен и нудеше повеќе активности, од планинарење, па релаксација на лежалки под сенките во боровата шума, разни спортски и забавни активности. Колегите бираа што им се допаѓа и се приклучуваа. Имаше мешан тим на фудбалери и жестоки навивачии, се разбира имавме и непобедливи аматери крај пинг- понг масите. Се посветивме, сите имаа можност да се забавуваат и опуштат.
Дали се планирани поголем број на вакви настани имајќи за главна цел, постигнување на подобри резултати на работа од една страна, но и поголемо задоволство помеѓу вработените од друга страна?
– Вработените се најважниот дел од организациската структура и затоа и фокусот е кај нив. Ќе се погрижиме, да организираме што повеќе вакви настани. Треба да се напомена дека за да можеме ние како сектор за Човечки ресурси да ги организираме сите овие активности и да се грижиме за нашите вработени потребна ни е и поддршка од менаџментот која секогаш ја имаме и сме многу благодарни што Малиќи Груп покрај тоа што е успешна организација во сегментите кои работи има развиено и убава и пријатна организациска култура што е за почит.