„Светот на Биби“ потпиша договор со Маркетком (Markettcom), водечка агенција за лиценци на Блискиот Исток, Северна Африка (MENA регион) и Канада, информираат од таму.
Ова партнерство им овозможува ексклузивни права за претставување на „Светот на Биби“ во следните три години на клучни пазари, што е голема можност за ширење на брендот.
– „Светот на Биби“ има богат содржински материјал со фундаментални вредности и поттикнува позитивен развој на децата. Со помош на нашето заедничко искуство и посветеност на работата, ние сме подготвени значително да го зголемиме препознавањето на брендот „Светот на Биби“ и да постигнеме суштински раст на пазарот во опфатените региони, изјави д-р Амер Битар, основач и извршен директор на Markettcom.
– Партнерството со Markettcom сведочи за високите стандарди на работа на нашиот тим и за квалитетот во содржините што ги создаваме. Присуството на пазар со над 400 милиони жители претставува нов предизвик и огромен потенцијал за креирање нови содржини и уникатни производи, изјави Стојче Коко Ѓорѓиев, коосновач и извршен директор на „Светот на Биби“.
За „Светот на Биби“
Брендот „Светот на Биби“ е основан во 2018 година во Македонија. Со веселите карактери Биби и Боби се слават природата, пријателството и бесконечната љубопитност, вклучувајќи ги децата во волшебни авантури. Од импресивни анимирани приказни, преку живописни книги до весела продукција, овој универзум го отсликува единството, почитувањето и свеста за животната средина, истовремено обединувајќи ги различните култури. Брендот е веќе присутен во Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, а со поддршката од Фондот за иновации и технолошки развој се работи и на верзија наменета за албанскиот пазар.
За повеќе информации, посетете ја страницата bwanimation.com.
За Markettcom
Markettcom е водечка агенција за лиценци во регионот на Блискиот Исток и Северна Африка. Markettcom има соработувано со познати брендови вклучувајќи ги The Met, Shaun the Sheep и Kukuli.
Markettcom нуди сеопфатни услуги како претставување на брендот, продажба на медиумски содржини, поддршка на малопродажба и развој на бизнисот – markettcom.com.
Фото: Промо